Столтенберг и Хоти на средба во НАТО: Фокусот врз безбедноста на Западен Балкан

Фото: gazetametro.net

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска се сретна со косовскиот премиер Авдулах Хоти во седиштето на НАТО во Брисел, при што разговараа за актуелните случувања на Западен Балкан.

Столтенберг ја искористи приликата да ги поздрави новите разговори меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ што се одржаа вчера во Брисел, потенцирајќи дека дијалогот е единствен начин за постигнување на трајно политичко решение на Западен Балкан. Шефот на НАТО и Хоти, исто така, разговараа за постигнатите договори во Вашингтон за нормализирање на економските односи меѓу Србија и Косово, се наведува во соопштението од Алијансата.

Столтенберг истакна дека НАТО е цврсто посветен на стабилноста на Западен Балкан, што го поткрепи со распоредувањето на контингент од преку 3.500 мировници на КФОР во Косово. Тој додаде дека мандатот на КФОР останува непроменет – зачувување на безбедноста и сигурното опкружување, како и слобода на движење за сите луѓе во Косово, во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година.

Што се однесува на пандемијата на Ковид-19, генералниот секретар го поздрави тоа што сојузниците и партнерите на НАТО веќе обезбедија значителна медицинска поддршка за помош на институциите во Косово и дека КФОР обезбедува и директна поддршка во дистрибуцијата на набавките.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот