Сто години Археолошки музеј – Јубилеј исполнет со ентузијазам, елан и љубов за професијата

Свечената академија се одржа во малата сала на НУ Филхармонија

Датум-темелник на Археолошкиот музеј и на македонската музеологија е 1 април 1924 година, кога бил формиран Истoриско-археолошки музеј со лапидариум во Куршумли-ан, а на 1 април 2024 година со Свечена академија беше одбележан стогодишниот јубилеј на Музејот.

Историјата на Археолошкиот музеј е една возбудлива приказна за развојот на институцијата преку бројни реформи, преместувања, преименувања, обнови, здружувања и раздружувања. Низ тие динамични и често турбулентни времиња и страдања од воени и од природни катастрофи, Археолошкиот музеј секогаш како феникс се воздигнувал и ја продолжувал својата мисија на прибирање, истражување, чување и промовирање на македонската археологија и археолошко наследство.

Археолошкиот музеј во своето стогодишно постоење реализирал 495 ископувања и истражувања на 120 археолошки локалитети. Располага со 32.000 монети, 608 инвентарирани камени споменици, поседува 12.166 камени артефакти од палеолитот и 26.533 фаунски материјал од палеолитот, 5.000 скелетни наоди од антрополошката збирка, 110.000 предмети и студиски материјал, од кои најстариот потекнува од 155.000 години пред новата ера.

Во текот на своето дејствување, Музејот реализирал 145 изложби во Македонија и во странство и објавил 75 публикации. Оваа макотрпна работа ја извршувале вкупно 146 стручни лица.

– Приказната за создавање на музејот започнала уште пред 1924 година, кога со арабаџиски коли се пренесувале камени споменици во Куршумли-ан од сите тогашни познати антички археолошки наоѓалишта и од селата низ цела Македонија. Тие сè уште стојат молкум во анот и ја раскажуваат историјата на безброј начини и од неброено многу аспекти. Ја пренесуваат пораката на нашите антички предци што ги изработиле, а на себе ги носат инвентарните броеви испишани од раката на некој наш колега претходник или современик, потоа се појавуваат документирани во книги, музејски картони, фиши, белешки, теренски и фото дневници, и така раскажуваат нова историја, историјата на Археолошкиот музеј.

Низ ова стогодишно постоење установата добивала различни имиња, стамено се движела низ сите историски настани и предизвици, се здружувала и раздружувала со сродни институции, ги менувала просториите за работа и изложбените простори, но суштината постојано ја сочинувале археолошките предмети и грижата за македонското археолошко културно наследство. Како што стои во тогашните списи, формиран како највисока културна и научна установа, Археолошкиот музеј го задржа континуитетот на еден од најважните чинители во нашето општество.

Темелниот пристап кон струката во овој временски тек изгради висококвалификувани стручни кадри и врвен професионализам. Како реткост во светски рамки, Археолошкиот музеј создаде 18 специјализирани музејски збирки со предмети кои датираат од старото камено време со најстариот потврден датум 155.000 години пред нашата ера, па сè до археологијата на нашето совремие, 20 век. Сестраноста во пристапот кон археологијата ги изнедри и антрополошката и археозоолошката збирка. Големиот број изложби низ земјата и во странство, периодичните и монографските публикации сочинуваат еден корпус на сериозна и огромна оставнина за македонското културно наследство и за македонското општество.

Славица Бабамова, директорка на Археолошкиот музеј

Од постарите колеги учевме многу за научната методологија на истражувањата, но и за занаетот и во археологијата и во музејската дејност. Макотрпната теренска работа под секакви, често непредвидливи услови, бара голем самопрегор од истражувачите. Откривањето и обработката на археолошките предмети секогаш е исполнето со понизност пред археологијата како наука. Комплексната музејска работа не е возможно да се остварува без огромна мотивираност, ентузијазам, елан и љубов за својата професија. Презентирањето и објавувањето на резултатите не би било возможно без голема пожртвуваност и посветеност на работата.

Овие особини на кадрите од сите генерации кои работеле во Музејот ја сочинуваат неговата есенција. Ваквите дела кои зад себе ги оставиле нашите колеги претходници предизвикуваат поклонување пред нивниот професионализам и без зборови ја пренесуваат мисијата на Музејот, за што како генерација сме им бескрајно благодарни. Сево ова ја продолжува магијата на нашата работа, не како наметната обврска, туку како пренесена жива љубов.

Сега, кога го започнуваме вториот век од постоењето, можеме слободно да кажеме дека продолжуваме понатаму. Денес Археолошкиот музеј, веќе стабилно етаблиран во регионот и во европски и светски рамки, истражува со истата љубопитност и жед за знаење и осознавање на минатото, користејќи ги придобивките на модерната археологија со интердисциплинарен пристап. Се возобновуваат и се градат нови партнерства со музејски и научни установи во рамките на меѓународната соработка со истата цел заради која е основан музејот – прибирањето и презентирањето на македонското археолошко наследство – истакна директорката Славица Бабамова.

На свеченоста по повод одбележувањето на стогодишниот јубилеј Археолошкиот музеј им даде награди, признанија и благодарници на своите поранешни директори, на поранешни и сегашни вработени, на своите партнери, поддржувачи и на многубројните соработници.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 225, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот