Српски владика со политички амбиции, се огради СПЦ или пак само еден епископ близок до Вучиќ?

Низа прашања отвори неодамнешното интервју на владиката на СПЦ Григорије кој меѓудругото најави и дека има план за активно вклучување во политиката, но дека нема да го открие зошто тоа би било „несериозно“ од негова страна.

„Не постои ниту еден човек кој може да биде спасител, потребно е да се направи систем за да не бараме секојпат повторно некој спасител, рече владиката Дизелдорфски и Германски Григорије, додавајќи дека има план да собере повеќе млади луѓе кои се подготвени да се жртвуваат за Србија за да направат систем во кој ништо нема да зависи од еден човек.

Владиката нагласи дека веќе пронашол 30 млади луѓе за реализирање на својата идеја која пак е своевиден преседан за вклучување на свештено лице во српската политика.

„Ако нешто можам да направам за мојот народ и ако тоа народот го очекува, е да соберам 30, ако е можно и 300 луѓе, меѓу 30 и 60 години, кои се подготвени да се жртвуваат за Србија“, рече тој во интервјуто за Њусмакс Адриа.

На оваа беседа на владиката Григорије експресно реагираше Синодот на Српската православна црква кој неговите изјави ги оцени како „политички, дури и со партиски карактер кои немаат допирни точки со верата во Христос или со мисијата на Православната црква“.

„Ги известуваме сите оние кои тие политички изјави ги припишуваат на СПЦ или на било кој начин ги доведуваат во врска со неа, дека се работи за исклучиво личен став и ангажирање на поединец, и тоа не во својство на епископ, туку исклучиво во својство на граѓанин“, стои во соопштението на Светиот архиерејски синод на СПЦ испратено вчера до српските медиуми.

-Колку е дозволена и благословена политичката или државно-правната активност на епископ и клирик, за тоа расудува и пресудува, автономно и самостојно, врз основа на својот канонски поредок, исклучиво Црквата, се истакнува во соопштението.

 Веќе денеска се појавија написи во српските медиуми дека зад ова соопштение на СПЦ не стои Светиот синод туку епископот бачки Иринеј Буловиќ од многу едноставна причина што во претходниот период не заседавал Синодот воопшто, што пак е правило кога се соопштуваат ставови на ова црковно тело.

Извор за нова.рс од Патријаршијата на СПЦ истакува дека до изборот на нов патријарх, ставот на Синодот е еднаков како на став на поглавар на црквата:

„Иако владиката Иринеј има потполна власт и контрола над Синодот, тој дури и не се потруди да закаже седница, тука како став на тоа тело го изнесува своето мислење само за да го направи задоволен претседателот Вучиќ. Во тек е избор за патријарх и тој токму на овој начин сака да потврди дека и е приврзан на власта“, наведува неименуван соговорник за порталот, кој додава дека Синодот морал да се огласи кога одредени епископи во претодниот период го фалеле српскиот претседател“.

-Не е јасно ниту во кој дел владиката Григорије дејствува како партиски човек, освен ако некои од нив не се носители на членски карти на Српската напредна партија, па секое различно мислење им делува како опозиционерско“, вели изворот, за кој соопштението од Синодот и оградувањето од владиката Григориј не е ништо друго туку „притисок врз членовите на Саборот на СПЦ и јасна порака како треба да се гласа во текот на изборите на нов патријарх“.

Од друга страна, самиот владика Григорије во споменатото интервју ги отфрли политичките притисоци врз изборот за нов патријарх на СПЦ по смртта на Иринеј, кој се упокои на 20 ноември минатата година.

„Државата не го бира патријархот, туку го избираат епископи кои доаѓаат од своите епархии и би требало да го донесат гласот на својот народ и да почувствуваат точно што сака народот“, изјави владиката Григорије.

Коментирајќи го пишувањето на таблоидите, дека опозицијата му понудила да биде претседател или патријарх и за што се одлучил тој рече дека „ниту претседателот, а ниту патријархот нема да го избираат таблодите, туку сериозен српски народ“.

За улогата на таблоидниот печат во Србија и провладините медиуми врз престојниот избор на поглавар на СПЦ говори и анонимниот соговорник на Нова.рс.

„Активностите на државните таблоиди, државните функционери, кои јавни, кои тајни, не се ништо друго туку притисок како да се дојде до подобен патријарх. Се друго што може да се слушне од режимските гласила во изминатите денови не е ништо друго освен замајување на уморната јавност која би требало да поверува дека наместо за патријарх еден владика сака да трча трка за претседател. Вистината е токму спротивна. Еден претседател трча трка за својот нов српски патријарх, а Григорије само му се најде на патот, дециден е овој соговорник на Нова.

Со намера да ја зачини приказната за политичките амбиции на владиката Дизелдорфски и Германски, коментираше и претседателот на српското собрание Ивица Дачиќ кој оцени дека „политичкиот проект на владиката Григориј говори дека постојат планови во кои нема опозициски лидери“.

-Идејата владиката да се кандидира не е нова, сега само малку поконкретно се огласи од претходно, рече Дачиќ кој додаде дека Григорије со децении наназад се декларирал како пријател на луѓето од Демократската партија и потврдно одговорил на прашањето дали Ѓилас се крие под мантијата на владиката, пренесува новости.рс.

Инаку, Српската православна црква Саборот на кој ќе го избира нејзиниот нов поглавар го закажа за 18 февруари годинава, но поради состојбата со пандемијата во Србија може е да се одложи Саборот на кој ќе учестуваат сите епископи на СПЦ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот