Среќни пензионерки македонски

Луси прејде на главното – дали имаш некаква идеја зошто Северна Македонија сега има најниска бројка жени во „пензиска сиромаштија“ споредено со остатокот од Европа? Знаеш ли дали таму кај вас навистина добро се грижат за пензионерките? Зошто е тоа така? Ајде заедно да работиме на програма на оваа тема.

Ми се јави пред некоја недела Луси, мојата колешка од Би-би-си, со која работевме заедно во Македонија, за време на Шарената револуција. Не се знаевме од претходно, ама и со неа и со снимателот Стив, таква „ударна тројка“ бевме, да му е мерак на човек да работи. Плус, следевме и снимавме фантастични настани, протести, ентузијазам, интервјуа, енергија, напнатост, атмосфера, со обиди да се дојде до најнеобичните, најекспонираните и најодговорните личности во настаните што ќе одбележат дел од историјата на земјата и ќе и‘ го свртат текот во поинаква насока.

Со Луси посебно се зближивме во една необична и малку стресна ситуација. Интервјуиравме еден соговорник, кој конечно се согласи да се сретнеме, кому му пуштавме снимки со она што требаше да биде негов глас. И таман почнавме со разговорот, кога, во собата влегоа двајца луѓе што дојдоа, како што рекоа, „да ни прават друштво“(?), а човекот почна да објаснува дека можеби неговиот глас е на снимката, ама дека снимката е „сечена, лепена и монтирана“. Изгледа на Луси не ѝ се веруваше, зашто му рече на портпаролот; „Знаете, јас 24 години работам со ленти и знам да сечам, да лепам и да монтирам. Ве уверувам, господине, ова не е сечено, лепено и монтирано. Кажи, Жанета, ти што велиш?“ Јас само 15 години со сечењето и лепењето и монтирањето, реков, ама Луси има право.

И така, реминисцирајќи за интервјуто со портпаролот, за двајцата друштвени во собата и за скопските денови, Луси прејде на главното – дали имаш некаква идеја зошто Северна Македонија сега има најниска бројка жени во „пензиска сиромаштија“ споредено со остатокот од Европа? Знаеш ли дали таму кај вас навистина добро се грижат за пензионерките? Зошто е тоа така? Ајде заедно да работиме на програма на оваа тема.

Чуда од жени

Најмал број жени во пензиска сиромаштија значи дека на пензионерките во Македонија не им е лошо, во споредба со колешките од Европа, и Луси сака да знае зошто, а богами и јас. Пензиите во Македонија не се многу високи, напротив, и пишувам на Луси (вотсап муабет), ама можеби жените се поекономични и поштедливи, размислувам гласно, па ниските пензии ги компензираат со добар менаџмент на домашниот буџет. Знаеш, и велам, македонската жена, посебно онаа што сега е во пензија, знае чуда да направи со малку пари и ги да растегне од први до први. Доста имаат и некое парче земја, некој имот на село, влегувам јас сега подлабоко во фазон на објаснувањето, па можеби произведуваат овошје, зеленчук, нешто што им треба за дома. А и штедливи се, реков ли дека се штедливи? Не излегуваат нешто по кафани и ресторани, на одмор по странство  не, а за третмани и скијање ич муабет да не правиме, макар што еднаш ќе ги праќаа беспари, да се издуваат малку од штедење. Очајна да најдам некое објаснување, на крајот попуштам и велам – не знам. На економијата не ѝ оди добро, луѓето се снаоѓаат, а жените секогаш биле поснаодливи од мажите, и така… Тогаш мора да е некоја грешка, ми вели Луси. Зашто сте немале попис одамна, уште од 2002 година?!

Конечно! Мистеријата на добростоечките македонски пензионерки е решена! Благодарение на немањето попис неколку децении, според Евростат (Европска статистичка служба), од каде што Луси ги земала податоците и се инспирирала, тие се рангирани како најмалку сиромашни во Европа. Нема попис, нема точни податоци, има добростоечки пензионерки. А Европа ве гледа и според податоците. Истражувањето на Евростат беше да се види, меѓу другото, каква е разликата во пензиите помеѓу мажите и жените во Европската Унија. Во 2018 година мажите добиваа за 30 отсто поголема пензија од жените. Сега овој јаз е – продлабочен. И да се утврди каков е ризикот од сиромаштија во пензија. Па така, во 2018 година, 15 отсто од пензионерите во ЕУ над 65 години биле во зоната на ризик од сиромаштија, за еден процент повеќе од претходната година, а најсиромашни пензионери има во Естонија, Летонија, Литванија и во Бугарија. Во овие земји, заедно со Романија, има и најсиромашни пензионерки, односно поголем процент жени добиваат пониски пензии од мажите и влегуваат во родовиот пензионерски јаз.

Феномени и Момчило

Но, засега, барем на хартија, во Европа на пензионерките во Македонија не им е лошо. Уште малку и за нив програми ќе се правеа и емисии ќе се снимаа и ќе се разгатнуваа феномените на добросостојбата, на општо задоволство на нацијата и на понекоја пензионерка која ќе требаше да ја објаснува тајната на малата, но растеглива пензија. Од друга страна, господинот Момчило ќе објаснуваше дека пописот е важна статистичка операција со која се прибираат податоци за домаќинствата и колку е битно за земјата да се има точни податоци, ама дали некој ќе го слушаше.

Тука, во Англија и Велс ќе имаме попис на 21 март. (Шкотска и Северна Ирска, исто попис, ама башка). Со прашалници на интернет и со пишани формулари, а на некои (мал број) ќе им дојдат дома пред врата со целосна антиковид заштитна опрема. Ќе се дознаат разни податоци за животот и луѓето во земјата, за да може да се планира развојот во сите сегменти.

Според пописот од 2011, најмалиот град во Англија е Ст. Давидс со 1.841 жител, а според пописот од 1841 година имал 2.431 жител. Најкарактеристичен вид куќи во местото се поединечни, семејни. Тука живеат 456 луѓе на или над 65 години, што е речиси четвртина од населението. Ова е рурална област, речиси никој не вози велосипед , но 7,76 отсто одат на работа пеш. И конечно, ова мало местенце може да се смести во главниот град на Велс, Кардиф, 188 пати!

Колку луѓе останале во  Ст. Давидс, дали велосипедизмот заживеал, дали се распешачиле сентдавидсчани… и што е со јазот во пензиите и платите и болниците и училиштата и патиштата и… за ова и за уште многу други работи, во наодите од пописот во 2021-ва. Останете со нас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот