Среќен 29 ноември, денот на македонската државност!

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Некни ви раскажував за моќната ментална контроверзија на хомо сапиенсот – да биде најпаметното, но и најглупавото животно на планетата. Се сеќавате, тоа се должи на еволуциската неминовност што денешницата – која наликува на возење со „луда железница“ – мора да ја совладуваме со мозок што е оформен уште во палеолитот. Поради што истите психосоцијални својства што нашите предци ги направиле најуспешниот животински вид, се заслужни и за безмалку сите глупости и зла што ги направивме во меѓувреме.

Имено, нашата дарвинска успешност се должи најмногу на способноста да создаваме организирани социјални заедници, а оваа клучна способност на видот се темели – која ли иронија! – на инхерентната лековерност на сапиенсот. Приказната ви ја завршив со објаснувањето дека лековерноста, односно леснотијата со која луѓето ја даваат довербата на други и ја усвојуваат вербата во работи што други ќе им ги кажат, зависи од структурата на кажаното, а не од вистинитоста. Приказната во која луѓето секогаш ќе поверуваат повеќе не е онаа со повеќе факти, туку онаа што е попримамлива: куса, едноставна и неодолива. И, се разбира, кажана од „јако“ место, какво што е црквата, државата, школото, медиумите, интернетот… односно скаска раскажана буквално од кого било.

Најважниот датум за државноста

Иако овие мои скромни согледби можат да се сметаат веќе за општо место, тие никако не можат да превладеат во јавниот дискурс. Во него и понатаму суверено владеат изабените посакувани „вистини“ за вредноста на фактите и за моќта на вистината. За кои, впрочем, најголемиот на сите времиња – Марк Твен – длабокоумно напишал: „Вистината е моќна и ќе превладее. Нема ништо погрешно во ова тврдење, освен што не е така.“ Генијално, нели? Но, една друга Твенова директно ги потпира тезите од погоре, што зборуваат за човековата еволуциски вградена лековерност. Вели тој дека „е полесно да ги измамиш луѓето, отколку да ги убедиш дека биле измамени“.

Навидум, оваа Твенова упатува на заклучок дека луѓето се сепак недоверливи и ги проверуваат работите, но не: тука најголемиот само на виспрен начин го утврдува основното правилото на лековерноста. А, тоа е дека лековерните не смеат да дозволат да бидат убедени дека се излажани, односно дека поверувале во лажна скаска, зашто нивната инхерентна социјабилност се темели токму на принципот на вистинитоста. Вербата, т.е. слепата верба, може да и се подари само на вистината, поради што секоја заблуда во која човештвото ќе поверува, се смета за света вистина. Луѓето кои ќе поверуваат дека биле излажани, дека израснале и остареле верувајќи во лажни приказни, се потаму потполно неупотребливи за општеството. Тоа, за жал, ни се случи на нас Македонците.

Ние, жителите на Маседониа Норд, кога уште не се бевме качиле на брзиот воз Норд Атлантик, во мугрите на нашата независност, на безмалку неверојатно лесен начин бевме убедени од Вечната ВМРО дека ништо од нашата партизанска, комунистичка, социјалистичка, југословенска епопеја не е вистинито. Дека сме биле излажани практично за сѐ од една еднопартиска тоталитарна власт: и за модернизмот, и за демократијата, и за победничкиот партизански идентитет, и за неверојатната слобода, радост на живеењето, и за единствената културна експлозија на македонската посебност во историјата на вселената. Наместо сето тоа лажно срање – и вкупната 45-годишна државна историја и општествен производ – ја преземавме новата вистина, новата официјална „вистина“ за тоа кои сме, што сме, од кога сме и така натаму.

Со новата официјална вистина, фашистичката терористичка организација ВМРО е најзаслужна за македонската државност, која, пак, има државен континуитет до Самоил во средниот век и Алехандро во стариот. Врската, демек, нишката што го „врзува“ овој историски континуитет е, разбира се, македонското вечно православие, црквата значи, уставно одделена од државата, но всушност клучна нитка во нејзиниот историски континуитет.

И, како што реков, нација што ќе се откаже лесно од единствената епопеја што ја создала, што ѝ овозможила блесок на темното небо на вселената, од тој момент станува општествено неупотреблива, еден вид општествен леш, што ненадоместливата ментална празнина (скаската за ослободителната борба и за остварената и одживеана социјалистичка утопија) ја исполнува со секакво псевдо, квази, крипто или клерофашистичко ѓубре. Ако не ми верувате на збор, проверете ја нашата државотворна скаска во Законот за државните празници, каде што се практично временски мапирани сите најважни датуми за македонската држава.

Во списокот на нашите државни празници го нема најважниот датум за македонската државност, за македонската култура, нација, јазик и идентитет: 29 ноември, денот кога 1942 година се роди југословенската државна социјалистичка творба – во најтемниот месец од најтемниот период на човечката историја, како и денот кога 1943 година за првпат се уреди, во еден конституционален државотворен акт, македонската државна посебност. И тоа, како демократска, народна република. Од денот на нашата независност во 1991 година до денешниот ден, ние славиме – како државни празници – еден куп датуми од непостојната и измислена митолошка религиска псевдоисторија, потоа, славиме датуми од Илинденското востание, кое го произведе поразот и згаснувањето на раните македонски револуционерни движења (како што Србите го слават поразот на Косовското Поле 1389), а АСНОМ – кој беше само операционализација на одлуките на АВНОЈ – го славиме во сенката на екстатичната и трауматична прослава на „оригиналниот“ несреќен Илинден од 1903.

Од списокот на државните празници ние, практично, го избришавме најзначајниот датум за постоењето на македонската држава, а, како што веќе реков, го избришавме и целиот полвековен период од реализираната социјалистичка утопија на македонскиот културен изблик.

Добриот и лошиот волк

Во неодамнешниот светски бестселер „Човештвото“, напишан од холандскиот историчар и филозоф Рутгер Брегман, авторот ја искажува својата основна теза за добрата природа на човештвото преку метафоричната приказна со непознато потекло. Елем, старецот му ја раскажува на својот внук длабоката но едноставна вистина: „Во мене се одвива жестока борба. Тоа е борба на живот и смрт помеѓу два волка. Едниот е зол – бесен, алчен, завиден, пакосен и кукавица. Другиот е добар – мирољубив, драг, скромен, великодушен и чесен. Тие два волка се борат и во тебе, внуче мое, и во секој човек на светов“. Замолчен за миг, внукот прашува: „Па, кој волк ќе победи?“ Старецот се насмевнува: „Оној кого го храниш“.

Пораката е повеќе од јасна: во човекот, во секој човек, практично во целиот вид, постојат можности за обрасци на однесување што не прават зли, себични, дивјаци и убијци; исто како што постојат вградени способности и склоности кон доброто, алтруизмот, солидарноста и хуманоста. Она што одлучува за тоа какви ќе бидеме во стварноста, е приказната што ќе ја одгледуваме за сопствениот идентитет, минато и човечката природа. Ние, како што веќе беше кажано, за жал, одлучивме тоа да биде налутена, искомплексирана, зла и завидна, себична, варварска и злосторничка, приказна за клерофашистичката вмровска епопеја. Ние сѐ уште го храниме волкот што не прави полоши одошто стварно сме, наместо да го славиме социјалистичкиот антифашистички волк на доброто – што фактички бевме.

Среќен 29 ноември, денот кога се роди македонската државност!

Видео на денот