Според ранг-листата на УЕФА македонскиот клупски фудбал е при дното на Европа

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На ранг-листата што се прави врз база на ефектот на клубовите од една земја во европските купови во последните пет одиграни сезони, Македонија е при дното, односно на 52. место од 55 рангирани земји. Пред нас се речиси сите екс-СФРЈ земји и земји како Гибралтар, Малта, Фраските Острови…

Македонскиот клупски фудбал е сосема при дното на европскиот, ако се суди според ранг-листата на УЕФА правена врз база на ефектот на клубовите на секоја од земјите-членки во европските купови во последните пет сезони (18/19, 19/20, 20/21, 21/22, 22/23).

Со други зборови, настапите на македонските клубови во европските купови во споментатите пет сезони се меѓу најнеуспешните на Стариот континент.

На таа ранг-листа Македонија се наоѓа на 52. место од 55 рангирани земји.

Под нас се Андора (53), Црна Гора (54) и Сан Марино (55). Далеку пред Македонија се останатите земји од екс-СФРЈ окружувањето. Па, така Босна и Херцеговина е на 41. место, Косово е на 33. место, Словенија две места погоре. Хрватска е на 19. место на оваа ранг-листа на УЕФА, а Србија е на 11. место.

Пред Македонија се и некои земји кои имаат многу помал број население и помал број клубови во системот на натпревари. Така, на пример, пред Македонија е Гибралтар (51. место), Малта е на 45. место, Фарските Острови се на 43. место…

Последниве неколку сезони Македонија бележи пад на оваа ранг-листа на УЕФА, затоа што на претходната сме биле на 48. место, една сезона пред тоа на 38. место, две сезони пред тоа на 34. место…

Од македонските клубови поединечно во ранкингот на УЕФА, најдобро стои Шкендија која се наоѓа на 151. место. Шкупи е на 185. место, Македонија Ѓорче Петров е 356. место на оваа листа, а Академија Пандев на 382. место. На оваа листа е уште и Ренова која се наоѓа на 409. место. Струга Трим Лум е на 417. место, Вардар и Работнички на 418. место. Има 423 клуба на оваа листа.

Следната сезона нашиот клупски фудбал во Европа ќе го претставуваат шампионот Струга Трим Лум кој квалификациите за ЛШ ќе ги почне против литвански Жалгисис. Во квалификациите за Конференциската лига ќе играат Шкендија против Хаверфордвест од Велс, Македонија ЃП против летонски РФС Рига и Шкупи против Хегелман од Литванија. Стартот е идната недела.

Инаку, на ранг-листата на најуспешни европски нации на клупски план е Англија, а по неа во топ-десет се Шпанија, Германија, Италија, Франција, Холандија, Португалија, Белгија, Шкотска и Австрија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот