Соседите се нашите пријатели, а не непријатели – Слободен печат
Колумни

Соседите се нашите пријатели, а не непријатели

Вие на соседите секогаш може да гледате како на непријател ако ја изберете таа позиција. Или ако таа позиција ве избере вас, сосема сеедно. Ама тоа е нездрава позиција. Никој вам не ви е суден да ви биде пријател или непријател, туку зависи од тоа како ќе се постават политичките елити во зададениот контекст. Односите меѓу народите се динамични. Таков е случајот и со македонската опозиција, а и со голем дел од нашата медиумска и интелектуална елита, зборувајќи ни дека постојано некој нас сака да нè земе, да нè пороби или колонизира, што значи тие нас константно нè бранат од некого.

Пред некоја вечер сакав да видам како функционираат „гугл-мапите“ на мојот телефон, барајќи градови, адреси, улици и булевари; по некоја случајност, ми се појави Фиренца, моја неостварена желба да отидам таму. Не се сеќавам каде точно прочитав, ако човек живее во Фиренца, тогаш тој живее во историја, втемелен е на таа цивилизација што трае. Во тој град сè ти е на дланка, и уметничките ремек-дела, и развиените општествени односи, и атмосферата на полисот. Настрана што има премногу сонце и светлина.

Уф, се противам на живот во историја (и тука влегувам во противречност) – веднаш себеси се видов во некој здодевен музеј. Потоа почнав да буричкам по книги, го барав цитатот на Норман Мaјлер за Европа, која требало да ја запали сета своја историја како не би се задушила. Навистина, секогаш кога ќе се почувствувам нападнат од преголемо количество историја – а Хегел, тој заебан тип на духот нè учеше дека „историјата нè учи дека на ништо не нè учи“ – се чувствувам дестимулиран, како сè на овој свет да е направено на најдобар можен начин. А музеите ги мразам, секогаш ако одам, што е многу ретко, одам да видам конкретна работа која посебно ме интересира, никогаш во обиколка. Свесен сум дека во Фиренца ќе ми бидат „на дофат“ Микеланџело, Галилеј, Макијавели…

На овие ламентации ме поттикнаа размислувањата за овој Балкански Полуостров во кој ние живееме и егзистираме. Целиот овој простор е една поделена средина. Имав среќа или можеби таа среќа беше детерминирана од околностите што дозволија да прошетам и да видам, практично да живеам во неколку градови низ бившојугословенската република, што ми дава за право од оваа позиција да констатирам дека сè уште овој Балкан е поделен, дури и кога ти не си ја напуштил територијата во која живееш.

Денес кога имаме интернет, социјални мрежи, алатки за комуникација, денес кога сè е хиперповрзано, освен луѓето, може конфликтите или недоразбирањата и на таков начин да се решаваат, ама имам чувство дека не се решаваат. И секогаш можеш да сретнеш дваесетина Македонци кои не биле во Сараево, или луѓе од Сараево кои никогаш не биле во Скопје или во Охрид, да речеме.

„Југославија е опкружена со грижи“

Сакам да кажам дека „времето на војни“ е тука околу нас од три причини: прво, се добива впечаток дека тие предрасуди поради војните во деведесеттите години од минатиот век систематски не се решаваат. Непрекинато се зборува за туѓа вина, а за таа вина најеклатантен пример се Србите на овие простори: тие непрекинато зборуваат дека се жртви, а во ниедна ситуација не зборуваат дека беа и агресори. Втората причина е наративот: целата дискурзивна матрица во медиумите е националистичка.

Националистичкиот наратив секогаш бара непријател што значи дека непријателот секогаш е близу. Урхо Кеконен, бившиот фински претседател, рече нешто приближно вака: „Паметните народи имаат пријатели близу, а непријатели далеку“. Што ми дава за право да помислам дека во нашиот регион ситуацијата е обратна: непријателите им се близу, а пријателите далеку, што е апсурд. И трето, во овој регион (со исклучок на Северна Македонија) на власт се луѓе што на овој или оној начин беа актери на војната. И тие немаат никаков интерес за војната поинаку да се зборува, значи немаат никаков интерес да се зборува и признае злосторничкото минато, туку напротив. Тие ја цементираат таа слика за минатото, гледајќи го соседот како непријател, само за да можат да се бранат себеси и за да можат да го бранат својата политичка програма.

Односите меѓу народите се динамични, тие не се трајни, како што вообичаено се мисли. За жал, таков е случајот и со македонската опозиција, а богами и со голем дел од нашата медиумска и интелектуална елита, зборувајќи ни дека постојано некој нас сака да нè земе, да нè пороби или колонизира, што значи тие нас константно нè бранат од некој што не ѝ мисли добро на земјата.

Според истражувањата на „Фактор плус“, граѓаните на овие бившојугословенски држави од март 2019 година најнегативно мислење имаат за оние народи со кои се граничат: Хрватите и Албанците. Се поставува прашањето: дали ние во околните држави гледаме соседи или непријатели? Е, сега, кога го прочитав ова прашање, се присетив кога бев мал и некаде прочитав дека „Југославија е опкружена со грижи“. Тие „грижи“ беа иницијали за тогашните исти држави од кои беше создадена Југославија. Гледате, таа параноична позиција и во самата Југославија, денес е пренесена и на овие наши државички, само во друг, етно-клуч, а не во социјалистички клуч како што беше тогаш.

Меѓутоа, вие на соседите секогаш може да гледате како на непријател ако ја изберете таа позиција. Или ако таа позиција ве избере вас, сосема сеедно. Ама тоа е нездрава позиција. Никој вам не ви е суден да ви биде пријател или непријател, туку зависи од тоа како ќе се постават политичките елити во зададениот контекст. Таму каде што нема нерасчистени односи, таму нема ниту некои особени непријателства. На крајот на краиштата, ако само за момент отидете во минатото и, да речеме, кога овде би се појавил некој граѓанин од пред сто-и-нешто-години, сигурен сум дека некои традиционални непријателства би ги лоцирал во Турците и Бугарите. Потоа, кога се создаде Југославија, непријателите се преместија во таа федерација.

Сакам да кажам дека непријателите во суштина се менливи, во зависност од политичкиот контекст, а ако се менливи, тоа значи дека се арбитрарни. Да се вратиме на главната поента: вие може да имате непријатели ако сакате да имате непријатели, а ако сакате да имате добри соседи, и тие да ве имаат вас, тогаш ќе имате соседи.

Пораката на Туск

Да завршам. Соседи не можете да избирате, соседи се оние што тоа и реално се, соседи се оние што живеат тука до вас, и ако вие барате најдобри пријатели, роднини и соседи некаде далеку од вас, ако ги барате некаде во руските степи или во американските прерии, вие нема да ги добиете. Вие може некој што е далеку од вас да го идеализирате, да очекувате тој да ви биде покровител, па дури и „тој некој“ за да дојде до вас најпрвин треба да пројде покрај тие соседи.

Одговорна власт и земја е онаа што сфаќа дека нивни вистински соседи се оние што живеат просторно и географски веднаш до нив.

Погледнете ги Скандинавците. Погледнете како скандинавските земји меѓусебно комуницираат и соработуваат. Не се ниту тие без меѓусебни историски оптоварувања, не е точно дека секогаш меѓу скандинавските земји било идилично, па демек сега немаат причина за конфликти. Не, имаа и тие сенешто во некое далечно минато, ама тоа го оставија зад себе. Северна Македонија е на добар пат, оваа влада добро го разбира тој контекст, а таа потврда стигна и од господин Туск, големиот претседател на Европскиот совет: „Нема подобро место од Скопје за мојот апел до лидерите на ЕУ – сега вие сте на ред. Бидејќи Северна Македонија го направи своето“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Еден коментар

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close