Собранието нема да оди во карантин

Фото Миа

Нема карантин за Собранието поради коронавирусот, дознава Слободен печат. Ваква одлука донеле членовите на парламентарното претседателство кое разговарше како да продолжи да работи закнодавниот дом. Можноста за карантин ја најави собранискиот спикер Талат Џафери на синоќешната 32. седница која заврши без гласање, кога соопшти дека има тројца пратеници заболени од коронавирус.

Засега од претседателството велат дека 36. седницата треба да продолжи, но не се знае кога. Од владејачкото мнозинство велат дека седницата ја очекуваат денеска (петок), откако спикерот Џафери ќе се консултира со опозицијата. Во Соранието дополнително се очекува исходот од средбата на премиерот Зоран Заев со лидерите на Алијанса и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, односно дали ќе се изнајде заедничко решение за граѓаните без државјанство. Според неофицијални информации, освен поддршка за петтиот сет економски мерки, од АА/А ќе се бара поддршка и за останатите закони кои се блокирани во Собранието.

Собранискиот спикер не успеа да ја стартува 36. седница на чиј дневен ред се антикризните закони од петиот сет економски мерки. ВМРО-ДПМНЕ ја напушти собраниската седница кога требаше да се гласаат законите, меѓу кои беше и Националната стратегија за борба против корупцијата 2021 – 2025.

За вчерашниот инцидент на седницата кога координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ја попречуваше пратеничката Даниела Марковска од СДСМ да говори, притоа и ја навредуваше, поради што спикерот го повика и собраниското обезбедување, од СДСМ излегоа со став дека ВМРО-ДПМНЕ и „понатаму не може да ја напушти режимската, насилничка матрица“.

„Вчера во Собранието сведочевме на насилство, на физичко и вербално вознемирување врз колешка на нејзиното работно место. Јавно пред целата јавност, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски безобразно го повреди интимниот простор на пратеничката Даниела Марковска. Мицевски се дрзна да замолчи пратеничка, да ја загрози нејзината слобода на говор во собраниската сала, во она што е храм на демократијата. Со своето однесување Мицевски потврди дека е дел од режимската насилничка матрица на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е таа матрица која насилно исфрли новинари и пратеници од пленарната сала на црниот понеделник во 2012 година, истата матрица која стоеше зад насилниот упад на 27 април“, пишува во соопштението на СДСМ.

Засега од претседателството нема информации кој ден спикерот ќе ја закаже седницата за да биде изгласана помошта за плати на над 20.000 работници, но и на еднократната помош од по 6.000 денари за исто толу голем број на граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот