Со заедничка историја во ЕУ

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Пристапот за кој сега се определува Бугарија, настојувајќи со своите уцени и со политички притисоци за „корекција“ на идентитетските прашања и прифаќање на „заедничка историја“ да ја стави Македонија пред свршен чин, ни најмалку не е во духот на европските потврдени вредности за решавање на меѓусоседските спорови со умерена и конструктивна политика. Македонија сигурно не ќе може да се согласи да влезе национално обезличена во ЕУ, со цел да ја избегне заканата од бугарско вето.

Бугарија и Романија за само неколку години, од 2000 до 2004 година, ги завршија преговорите за членство во ЕУ. Би се рекло експресно брзо, во споредба со денешните нејасни и усложнети околности, во кои веќе подолго време е заглавен процесот на проширување на Унијата. Исходот на преговорите за членство кои Црна Гора ги започна пред осум, а Србија пред шест години, и понатаму е непредвидлив, без поконкретно дефинирана временска рамка. И двете земји се заглавени во различни фази од интеграцијата и сè уште се далеку од членството. И Македонија се надева дека наскоро ќе се приклучи кон преговарачкиот процес за натамошно проширување на Унијата кон Исток, кој во најголем дел е замрзнат и чија брзина од година во година постојано се намалува.

Примарната цел на ЕУ уште од нејзиното основање беше обединување на Европа по демократски пат. Унапредувањето на добрососедските односи и регионалната стабилност имаат посебно место во тие напори. Несогласувањата околу прашањата поврзани со историјата, културата, малцинствата и етницитетот се наметнаа како голем предизвик на патот кон евроинтеграциите. За Македонија таквите предизвици траат веќе три децении и постојано добиваат нови димензии.

Во текот на преговорите за членство на Унгарија и Романија значајно место добија спротивставените ставови и мислења околу статусот на романскиот регион Трансилванија во кој околу 20 отсто од населението се Унгарци. Тоа е еден од најмултиетничките и најконтроверзни региони во Европа, растргнуван во последните 200 години меѓу унгарската и романската нација. И двете земји ја сметаат Трансилванија за срце на нацијата, а како последица на тоа и националните историографии биле силно тенденциозни и политички мотивирани.

По демонтирањето Железната завеса, од двете страни на унгарско-романската граница се засилуваат националистички струења. Сепак, со силни заложби од страна на ЕУ во текот на преговорите за членство се бараше и од Унгарија и од Романија смирување на политичките тензии и острата реторика, како и гарантирање на правата на малцинствата. Но реалноста отпосле покажа и поинаков развој. Со основањето на ултранационалистичката унгарска партија Јобик, која се јавува на политичката сцена како реакција на економските неуспеси и раширената корупција во земјата, се слушнаа и екстремни изјави дека „Јобик ќе се бори за заштита на правата и интересите на Унгарците во Трансилванија, дури и ако тоа значи конфликт со Романија“. Романските националисти, сосема очекувано, не останаа должни и жестоко реагираа на таквата радикализација, а како ефект на таквиот развој дојде до влошување на положбата на унгарското малцинство во соседните земји. Кавгата меѓу Унгарија и Романија уште повеќе се заостри откако на унгарски граѓани им беше забрануван влез во Романија, со цел да се придружат кон прославата на Националниот ден на Унгарија и истакнувањето на унгарското знаме по официјални поводи. Во секој случај, Владата на Орбан гласно поддржува секоја акција за јакнење на националниот идентитет на Унгарците во соседната земја.

Будимпешта, по падот на комунизмот, заедно со соседните земји, а подоцна и со ЕУ, вложи голем труд да ја деактивира бомбата, како што во тој период било сфаќано унгарското малцинско прашање, поради кое во 1988 година се закануваше и воен конфликт меѓу Унгарија и Романија. Цената по Првата светска војна и Версајскиот мировен договор била превисока. Поделбата на Унгарија сè уште претставува длабока траума меѓу Унгарците. Големи делови од населението останале во соседните земји, а во Романија денес живеат околу два милиона Унгарци, речиси сите во Трансилванија.

Поинаков пристап и понеутрални гледишта фрлаат делумно нова светлина врз оваа комплексна историска проблематика. Трансграничните историски истражувања покажаа такви резултати кои пред неколку години беа промовирани во неколку изданија на Меѓународниот книжевен саем во Гетеборг, под заеднички наслов „Унгарија и Романија вон националните наративи – споредби и испреплетеност“. Истражувањето со кое раководел тим од Универзитетот во Стокхолм се фокусира врз врските што ги доближуваат и проткајуваат историите на двете земји, наместо да ги проучува двете национални историографии кои се поставени во директен меѓусебен конфликт. Станува збор, всушност, за обид да се оспорат и погледнат од поинаков агол темелните столбови на националните историографии, при што беше изразена надеж дека ваков вид истражувања би можеле да претставуваа извор на инспирација за слични проекти, на пример, на подрачјето на Балканот. Сличен обид е веќе направен во 2006 година, кога овластени институции во Германија и Франција во меѓусебна соработка изработиле заеднички учебник по историја за гимназиите, а кој требало да биде прифатен и од двете страни. Околу некои поглавја, сепак, не можеле да постигнат целосна согласност во историографските толкувања.

Во последните години, Европската комисија во повеќе наврати потенцираше дека процесот на проширување и приемот на нови членки во ЕУ треба максимално да манифестира посветеност на решавање на билатералните спорови меѓу земјите кандидатки. Такви спорови се присутни во изобилие на Балканот и, доколку не бидат решавани, може само да придонесат за нивно уште подлабоко заострување и вкоренување во историските предрасуди, ригидни ставови и стереотипи.

Пристапот за кој сега се определува Бугарија, настојувајќи со своите уцени и политички притисоци за „корекција“ на идентитетските прашања и прифаќање на „заедничка историја“ да ја стави Македонија пред свршен чин, ни најмалку не е во духот на европските потврдени вредности за решавање на меѓусоседските спорови со умерена и конструктивна политика. Македонија сигурно не ќе може да се согласи да влезе национално обезличена во ЕУ, со цел да ја избегне заканата од бугарско вето.

ЕУ функционира како позитивна сила која успева да ги придвижи кон решавање прашањата на малцинствата и демократијата. За очекување е дека решението за прашањата што ја оптоваруваат европската соработка, во периодот кој претстои и кој треба да го означи престројувањето на динамиката во евроинтеграциите, во значаен дел ќе биде обликувано во комбинација меѓу храбрите визионерски идеи на Франција и претпазливиот реализам на Германија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот