Словенечки искуства за како центарот на Битола да се претвори во пешачка зона

Јанез Кожел, архитект, урбанист и планер од Универзитетот во Љубљана, Словенија Фото: Васка М. Младеновска/Слободен печат

Центарот на Битола е прекрасна пешачка зона, но, кога ќе погледнете наоколу гледате град што полека пропаѓа. Едниот дел е уреден, а другиот дел пропаѓа и таа разлика е навистина голема. Неопходно е на проблемот со сообраќајниот метеж во градот да му се пристапи системски-рече на денешното предавање во амфитеатарот на Техничкиот факултет на тема: „Претворање на центарот на Битола во пешачка зона-Битола учи од Љубљана“, професорот Јанез Кожел, архитект, урбанист и планер од Универзитетот во Љубљана, Словенија.

Според него, најважната улога за решавање на проблемите со сообраќајот во градот ја има локалната самоуправа, но, тука клучно е дали се има политичка волја.

-Локалната самоуправа тука игра активна улога, но, најважната работа е дали локалната власт има политичка волја. Потребно е на политичарите што ги носат одлуките да не им се важни само гласовите од избирачите, туку, да носат одлуки за подигнување на квалитетот на живот на сите граѓани. Јас од она што имав можност да го видам, Битола има споменици на културата што се претворени во руини. Тие во голем дел ја нагрдуваат сликата за градот и му штетат и на битолската култура. Преуредувањето на јавниот простор, тука локалната самоуправа може да вложува финансиски средства, и со тоа, ќе ги поттикне приватните инвеститори да ги обновуваат куќите. Тој метод како многу едноставен и успешен се покажа во Љубљана-рече професорот Јанез Кожел и додаде дека слична е ситуацијата со речиси повеќето градови на Балканот, секогаш нешто ќе се започне, но, потоа тоа системски не се решава.

Фото: Васка М. Младеновска/ Слободен печат

Според проректорката за студентски работи при Универзитетот „Св. Климент Охридски Битола“ Јасмина Буневска-Талевска, градот Битола е подготвен и направен е првиот чекор за да се започне со смирување на сообраќајот и претворање на централното градско подрачје во една поширока централна пешачка зона.

-Како во многу европски градови и во Битола е тешко да се направи баланс помеѓу побарувачката за мобилност на граѓаните и она што значи економски, еколошки и социјален развој на градот, но, за жал, се согласи и професорот од Словенија, дека Битола има многу проблеми и мораме веднаш да почнеме да ги решаваме. Интегрирано и паралелно мора да ги решаваме инфраструктурните проблеми, смирувањето на сообраќајот, затворањето на централното градско подрачје а тоа да не доведе до нашата заедничка заложба, Битола да биде град со повеќе зелени површини. Како стручна фела а тоа е став и на граѓанскиот сектор, недостига политичка волја. Ние како стручни лица ќе го направиме нашето, ќе ги доставиме студиите, стратегиите и визиите, меѓутоа, потоа немаме реализација. Токму затоа и ова денешно предавање е уште еден обид да ја наметнеме потребата за сензибилизација на политичарите за подигнување на нивната свест во процесот на одлучување, да ги земат предвид сите овие насоки-рече проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска.

На предавањето, од Ротари клубот Битола информираа дека наскоро во Општината Битола ќе имплементираат проект во рамки на генералниот проект „За зелена Битола“.

-Проектот е за унапредување на јавниот градски превоз, а идејата е Ротари клубот да изработи апликација за мобилните уреди, поврзани со GPS уреди со автобусите што го вршат јавниот превоз, со цел граѓаните да имаат реална и навремена достапна информација за движењето на автобусите. Целта е да се зголеми интересот на граѓаните за користење на јавниот превоз преку овозможување на достапност на информациите, а тоа ќе доведе до намалување на загадувањето во градот, намалување на сообраќајниот метеж. Проектот ќе биде донација за Општина Битола и ќе чини еден милион денари-рече Менде Мицевски, член на Ротари клубот од Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот