Скопјанец за „Слободен печат“: Купив витамински сируп за детето во две аптеки во Аеродром и не течеше, туку беше „како гума”

Фото: Привтана архива

Скопјанец во редакцијата на „Слободен печат“ се пожали дека во две аптеки во скопската населба Аеродром купил сируп со витамини за неговото дете кој му бил препорачан од лекарот, а кога ги отворил шишињата, сирупот не бил во течна состојба, туку ,,како гума”. Станува збор за сирупот Кидз Омега, кој доаѓа во пакување од 200 милилитри и чини околу 1.800 денари.

-Лекарот ми го препорача овој сируп за детето, ми рече дека е добар за имунитет особено сега во време какво што живееме, со околностите со пандемијата. Отидов прво во аптеката која се наоѓа во склоп на поликлиниката „Јане Сандански“ во Аеродром и таму го купив сирупот. Кога дојдов дома, го отворив и забележав дека не тече, туку дека е како гума, едноставно не можеше да излезе од шишенцето. Го вратив во аптеката и кога го видоа каков е, веднаш ми ги вратија парите, вели Н. Апостолоски за „Слободен печат“.

Откако излегол од таа аптека, забележал дека веднаш до неа има уште една аптека, па се упатил да го купи истиот производ од неа.

-Овојпат го отворив сирупот уште внатре во самата аптека. И пак беше во иста состојба. И аптекарката донесе уште едно пакување, исто беше. Се јави во претставништвото и ѝ кажаа дека знаат за проблемот ама дека сирупот не сакале да им го вратат во Англија, додава Апостолоски.

Аптекарката рекла дека веднаш ќе ја врати нарачката во веледрогерија и дека други нема да прима додека фирмата не се осигура дека целата пратка е во најдобар ред. Според тоа што му го кажала на таткото на детето, можеби од 100 шишенца, само пет се фалични, но не планира да ги отвора едно по едно за да се осигура дали се во ред.

Конечно, утредента, тој успеал да го најде сирупот со рок на траење до 2023 година испишан на опаковката во аптека во Мавровка и овојпат бил во добра состојба.

-Сепак ми е страв да му го давам на детето со оглед на тоа што не знам дали е од истата серија и дали ќе биде повлечен и од другите аптеки, додаде нашиот соговорник.

Во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, за „Слободен печат“ велат дека, бидејќи станува збор за суплемент односно додаток во исхраната, а не за лек, надлежна за контрола на квалитетот на овој производ е Агенцијата за храна.

Овој производ, според напомените и препораките објавени на страницата на фирмата производител, се препорачува да се чува исклучиво на собна температура особено во зимскиот период, заради можна промена на конзистенцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот