Сива економија: Ако се сведеме на европскиот просек, Буџетот ќе се „нахрани“ со 450 милиони евра

Фото: Profimedia

Лани „сивиот дел“ на македонската економија „изел“ – 4,3 милијарди евра, а загубени се 1,28 милијарди евра приходи во државниот буџет. Даночниот советник Павле Гацов, пластично илустрираше дека „од 100 денари промет на една регистрирана фирма и остануваат само 47,3 денари, додека нерегистрираните си ги ставаат сите 100 денари в џеб“

Тотална непознаница за јавноста се резултатите од борбата против сивата економија во државата од последната стратегија и Акцискиот план, па како што полушеговито претпоставува даночниот советник Павле Гацов – „или се многу добри или се многу лоши“!? Анализирајќи ги најбитните моменти од најновото истражување на темата, кое за Стопанската комора на Македонија го спровел заедно со професорот Александар Стојков и Зоран Јовановски, потпретседател на СКСМ, Гацов пластично илустрираше дека „од 100 денари промет на една регистрирана фирма и остануваат само 47,3 денари, додека нерегистрираните си ги ставаат сите 100 денари в џеб“.

-Небулоза е да се залажуваме дека државата губи само 18 отсто ДДВ. Во сивата зона остануваат ненаплатени и другите даноци и давачки, како и персоналецот. Така што државата губи над 50 отсто од прикриениот приход, со кој потоа се купуваат девизи, недвижен имот надвор и дома или пак служи за мито и корупција… Затоа е неопходна политичка волја и бескомпромисен пристап, со кој ќе се тргне во целосна елиминација на готовите пари – предлага Гацов, ригорозно препорачувајќи и на државата да воведе данок од 0,5 отсто за компаниите кои подигаат пари во кеш.

Гацов предлага уште порадикална мерка: замена на постојните книжни денари со нови со различен изглед и привремена проверка на пријавените и оданочените приходи.

-Државата ќе може да си ги собере старите пари и воедно ќе провери како некој кој пријавил готовина од 10.000 евра, купил девизи или имот за 50.000 евра- дообјасни Гацов.

Бројките за сивата економија во Македонија варираат во зависност од проценките односно 17 до 33,4 проценти од БДП, а во анализата според моделот МИМИК е дојдено до 33,2 проценти од БДП, информираше Зоран Јовановски, потпретседател на СКСМ.

– Европскиот просек е 19,4 проценти од БДП. Лани „сивиот дел“ на македонската економија „изел“ – 4,3 милијарди евра, загубени се 1,28 милијарди евра приходи во државниот буџет, а ако се сведе сивата економија на нивото на ЕУ, во Буџетот ќе се слеат дополнителни 450 милиони евра годишно – поентираше Јовановски.

Оттука според Комората, битката против даночната евазија треба да ја следат дигитализација на процесите, користење на можностите на мобилните телефони, воведување на централизиран систем на фактурирање и следење на залихите, зајакнати инспекциски активности кај нерегистрирани е-трговци и доставувачи. Несомнено е потребно и елиминирање на пропустите во работењето на менувачниците, кои мора да бидат поврзани со централизиран систем на УЈП, елиминација на пропустите во издавање на имот под закуп и подзакуп, двојното сметководство (увоз на зеленчук) и конечно веќе не смее да има плата во плик.

Даночниот советник Гацов е фрапиран од се позачестената појава на дел од трговците кои отворено нудат попуст од 20 отсто, ако платите во кеш и не барате фискална сметка?

– Се засилува процесот на неиздавање на фискални сметки, а инспекциите не се во состојба да ја контролираат целата територија на државата. Просто зачудува со каква храброст трговците се дрзнуваат на ваков чекор, а има се повеќе информации дека ова се прави прилично јавно. Исто така јавна тајна е дека дури 25 отсто од закупнините не се пријавуваат, што е голем одлив на приходите од Буџетот, како што е јавна тајна дека платата особено во Источниот регион и натаму се исплаќа во плико, па дури и мора дел од неа да им се врати на газдите – изјави Гацов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот