Сирењето и кашкавалот сега треба да поевтинат, Владата ги ограничи маржите и на млечните производи

Фото: „Слободен печат“ / Весна Дамчевска

Владата соопшти дека на денешната седница, на предлог на Министерството за економија донела одлука да се замрзнат трговските маржи и за млечните производи: урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт, со чија продажба трговците и на големо и на мало нема да смеат да заработуваат повеќе од десет отсто од набавната цена.

„При редовна контрола на Државен пазарен инспекторат во трговијата на мало и трговијата на големо, според Информацијата од Министерството за економија, укажано е на потребата од интервенција кај наведните стоки, поради растот на нивните цени. Како што е познато, од 14 јуни 2022 година, утврдено е замрзнување на маржите на основните прехранбени производи: леб (бел), шеќер (бел), сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло), брашно од пченица (тип 400 и тип 500), макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко со масленост од 2.8 проценти, 3.2 процента и 3.5 проценти, со трговска маржа со важност до 31 декември 2022 година“, се вели во владиното соопштение.

Во исто време, Владата ја укина забраната за извоз на некои производи, воведена летово поради стравувањата дека ќе има недостиг од основни прехранбени продукти.

„Одлуката за ограничување на извозот се однесуваше на пченица и наполица, брашно од пченица и наполица и семе од сончоглед (кршено или дробено). Во предлогот на Министерството за економија за прекин на нејзината важност, донесен, како што е посочено, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се исполнува и обврската од Договорот за безбедносни механизми за храна во Западен Балкан, потпишан на 2 септември 2022 година, на Самитот на Отворен Балкан, одржан од 1-4 септември 2022 година во Белград, а со цел да нема забрана за тргување со основните земјоделско-прехранбени производи“, велат од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот