Синдром на погрешно сеќавање

Фото: Ерол Шаќири

Во психологијата ова се нарекува парамнезија, а една од манифестациите е псеудо-реминисценција, а тоа е кога некои искуства преживеани во минатото се доживуваат како присутни во сегашноста. Пример, жртвата која била силувана во минатото и тоа го потиснала во себе, во сегашноста погрешно го идентификува сторителот, силувачот за неа е тој што се обидува да ја заштити, а не тој кој го сторил делото.

ДРЖАВАТА КАКО ЖРТВА

Жртвата е Македонија, силувана беше државата и се тоа што таа претставува. Силувани беа нејзините граѓани, силувани беа институциите, судството, медиумите, невладиниот сектор, историјата, силувана беше и природата. Извршителот на делото е претходната власт или режимот. Чинот на силување не беше еднократен, беше постојан, константен и траеше цели 11 години. Последиците се огромни и повеќе од очигледно е дека ќе треба многу повеќе време, прво да се залечат институциите, второ да се консолидира демократијата и трето да се промени менталитетот на граѓаните. Потребно е драстично поместување на политичката култура како би се консолидирала демократијата. Треба да се подигне свеста на граѓаните на тоа ниво за да разберат дека демократските вредности не се последица, туку предуслов за подобар живот.

Интересно кај нас е што, барем по мое мислење, предоминантна е авторитарната тенденција кај голем број на граѓаните каде се прифаќаат оние вредности кои во суштина се антитеза на демократските норми. Ова уште на самиот почеток беше толку добро анализирано и употребено од претходната власт што на крајот заврши со воспоставување на еден тивок режим кој огромна група на граѓани сеуште го бараат, пред се мислам на вмровското гласачко тело. Мора да истакнам дека додека поголемиот дел од граѓаните се југоносталгичари (не носталгични кон еднопартискиот систем на владеење туку повеќе кон економската стабилност и меѓучовечките односи кои беа карактеристика на тој бивши систем), скоро на сите вмровски гласачи споменувањето на тој систем им предизвикува нагони за повраќање. Понекогаш мислам дека Албанците (единствен не-словенски народ во таа заедница на јужни Словени) беа поголеми Југословени од вмровците, но за ова во некоја друга прилика.

Мој впечаток е дека овие луѓе не можат да се снајдат во демократија, како да смислата на нивното постоење ја гледаат само во потчинувањето, во заробеноста, во постојана борба против некого или нешто. Секој обид на сегашната власт за санирање на штетите од режимот, дали се тоа обиди за регулирање на институциите, судството, односите со соседите, комуникацијата со меѓународниот фактор, меѓуетничките односи, медиумската слобода и таканатаму, кај одредена група граѓани будеше и буди спомени од долгогодишното „злоставување“ при што како „силувач“ се посочува тој што се обидува да го заштити, а не вистинскиот сторител, искуствата од минатото ги доживуваат како присутни во сегашноста, а тоа е синдромот од насловот.

БАБА ПЕРСА

Пред десетина дена од бабата Перса се направи „национален херој“ само затоа што јавно го искажа своето незадоволство директно на премиерот. Искажување на јавно незадоволство упатено кон власта, кон функционери на власта, кон премиерот лично е право на секој граѓанин и тоа право е овозможено и во никој случај не е обструирано од сегашната власт, тоа право е дел од демократските вредности што сепак оваа власт се труди да ги наметне. Каде е тука подвигот на баба Перса? Забораваат ли луѓето дека времето кога се затвораа медиуми критични кон власта помина, кога незадоволството се искажуваше само во потесните кругови на пријатели и роднини и тоа со шепотење, кога обидот за јавна критика кон премиер завршуваше со физички напад.

Нема ништо револуционерно во баба Перса, таа само ги ужива благодетите на демократијата озвозможени баш од тој на кого критиката се однесуваше. Тука се поставува уште едно прашање, патиме ли ние од уште еден синдром, национален синдром на нижа вредност што од Перса направивме херој, што сме постојано незадоволни, што се концентрираме само на негативните вести од медиумите, што постојано велиме дека „не не бива“, „сите се исти“, дека сме неспособни, неодговорни, или се работи за ментална инфатилност на одредени поединци кои овие ставови агресивно ги пласираат во јавноста. Времето ќе покаже, а сега за сега овие губат, зашто општеството, демократијата полека полека се консолидираат, а Македонија оди напред.

РЕКЕТ

Судскиот предмет „Рекет“ и сите случувања во и околу него се уште еден пример на синдром на „погрешно сеќавање“. Уште од самата појава, „Рекет“ кај граѓаните ги пробуди лошите сеќавања од неодамнешното минато и целиот гнев го префрлија на тие кои се обидоа раните од минатото да ги залечат. Како тече судскиот процес секојдневно излегуваат нови елементи и детаљи, а веројатно допрва и ќе излегуваат, потврдувајќи ја заблудата на одредена група критичари кои ја пласираа и сеуште ја пласираат тезата дека „сите се исти“. „Рекет“, односно снимките околу него ги покажаа сите дефекти на системот, политичкиот и пред се судскиот. Најновите аудио снимки презентирани во јавноста јасно сведочат како алчноста за пари и суетата кај одредени личности маестрално е искористена за рушење на кревкиот систем воспоставен за гонење на сторителите на 11 годишното „силување и рекетирање“ на целата држава и народ, прикажувајќи ги сторителите како жртва а нив како „силувачи“.

Би избегнал коментирање на детаљите од приватниот живот на поединци, иако се потврди дека нашето општество е зависно од сензационализам, скандализам и воајеризам, зависно од ријалити шоуа, што се потврди со коментирање највеќе на токму тоа, кој со кого и кој на кого, игнорирајќи ги клучните елементи од тие снимки. Најклучниот момент во новите снимки е искажан со една единствена реченица, како одговор на барањето некои работи да се прикријат и да не се пријават кај институциите, „друже, Македонија мора да биде правна држава, да си пријавиш каде што треба“, судејќи по гласот најверојатно искажана од премиерот Заев. Сите тврдења, пишувања, обвинувања на опозицијата и дел од критичката јавност дека рекетот е системски, а главата е токму премиерот, паднаа во вода. Уште еднаш се докажа кој за што се залага во оваа држава, сега може процесите сободно да си продолжат понатаму, а групата „сите се исти“ да се концентрираат на нешто друго, повлекувањето на водите од Преспанското езеро на пример.

ВРАЌАЊЕ НА 2001

Бидете спокојни, времето на конфликти заврши. Можеби малку ќе се заостри реториката пред изборите како по обичај, а тоа највеќе се очекува од опозициските партии и македонски и албански, но бидете сигурни дека ништо страшно нема да се случи. За разлика од минатата, оваа влада, слуша, разговара, преговара и договара, значи дијалогот и е единствен инструмент на комуникација. За разлика од минатата, оваа влада е респонзивна на барањата на граѓаните, а тое е пресудна детерминанта за развој на општеството. За тие со синдромот на „погрешно сеќавање“ едно потсетување, дека наглата етнификација и национализација на колективната свест по распадот на Југославија за време владеење на ВМРО дојде највеќе до израз, изразената етничка дистанца, ксенофобичното и шовинистичко расположение на јавноста беше карактеристика на режимот, тоа време помина, сега е времето на едно општество за сите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот