Што договорија Никола Тодоров и Никола Груевски во Будимпешта!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Веста дека Никола Тодоров бил во посета на Будимпешта и се сретнал со Никола Груевски, ја заголица македонската политичка јавност. Сеуште е рано за заклучоци за суштината на таа средба, но секако отвора повеќе прашања кои можат да наведат на тоа што бара тој таму, или кој го пратил?
Веројатно Никола Тодоров не е првиот со кого Груевски одржува контакти, но е единствениот за кого јавноста беше информирана дека имале средба, официјализирана и со фотографија.
Ќе речете па добро, Никола Тодоров своевремено беше многу близок соработник на Никола Груевски, два пати беше министер и неколку пати шеф на изборниот штаб.
Но сега се сосема други времиња. Во чистката што новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ го спроведе кон поголем број свои членови се најде и Тодоров како човек на Сашо Мијалков, кој беше носител на незадоволството од Мицковски и неговите политики. На крајот од страна на сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е бламиран како човек кој работи за интересите на Зоран Заев.
Ако е така како што велат, тогаш што бара близок човек на Зоран Заев во Будимпешта на средба со Никола Груевски? Се чини, нема логика, нели! Можеби Тодоров отишол сам, на свое барање, за да му објасни на својот бивши шеф дека Мицковски ја упропастува партијата? Но тоа не е нешто што Никола Груевски не го знае како став на Тодоров и „отпадниците“. Па зошто тогаш Никола Груевски воопшто го примил и зошто би седел неколку часа со Никола Тодоров, за овој да го замара со тези кои (барем според јавното мислење) не се вклопуваат со неговото мнение за Мицковски! И уште повеќе, му дава јавен легитимитет!
Па тогаш, кој го прати Тодоров во Будимпешта? Или тој сам го повикал, или го праќа некој што Груевски не сакал или не можел да го одбие на прва топка.
Засега, единствено бенигно, прифатливо решение може да биде дека билетот на Тодоров му го платил Сашо Мијалков, и тоа заедно со писмо во џебот упатено до братучедот во Будимпешта. Имајќи ја сегашната незавидна положба на Мијалков над кого висат дванесет години робија, во писмото мора да пишувало „смрт или слобода“.
Но што може од далечната Будимпешта да стори Никола Груевски за да му помогне на својот братучед, со кого впрочем (барем јавно) политички се разделија?
Само со антивладини кампањи преку своите медиуми тоа не е можно, старите врски во судскиот систем се се послаби, а надежта дека Мицковски бргу ќе дојде на власт се изјаловија повеќе пати.
Оттаму, се чини дека единствениот на кого можат да се надеваат е Зоран Заев, душманот на ВМРО-ДПМНЕ!!! Па, само тој им понуди заедничка власт. Додуша без Мицковски, зашто како што рече во интервјуто: „Јас со Груевски сум се договарал, само со Мицковски не можам.“! (Загадочна беше малку таа изјава…!)
Па, отиде ли Тодоров во Будимпешта да ја спасува партијата, или Мијалков? Можеби со спасување на Мијалков ќе ја спаси и ВМРО-ДПМНЕ? Ако се спаси ВМРО ДПМНЕ, ќе се спаси и СДСМ, па заедно можеби ќе ја спасат и Македонија!
Засега, Тодоров молчи. Молчи и Груевски. Молчи и Мицковски, а молчат и сите останати!
Нели е малку чудно што таква штама ја зафати земјава, кога партиски соопштенија фрчеле и за помали работи.
Има тука уште многу да се анализира, ама за тоа друг пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот