Шпионот „Предатор“ изработен во Скопје, таргетирал американски политичари и новинари на Си-Ен-Ен

Виетнам се обидел да хакира американски функционери и аналитичар на Си-Ен-Ен, со македонскиот шпионски софтвер „Предатор“, создаден од македонско-израелската фирма „Сајтрокс“ базирана во Скопје, објави „Вашингтон Пост“. Фирмата „Сајтрокс“ беше ставена на црната листа на САД пред неколку месеци поради производството на софтверот „Предатор“.

Овој софтвер за следење на комуникациите создаден во Скопје, е сериозна закана за мобилните телефони на високопозиционирани функционери, дипломати, судии, обвинители и новинари ширум светот, а пронајден е на многу мобилни телефони во Грција, Кипар, Судан, Египет, и во држави со репресивни режими како Мадагаскар. Откако ќе биде инсталиран на телефонот на жртвата, „Предатор“ се претвора во шпион и му овозможува на тој што следи, да има пристап до буквално се од мобилниот телефон на жртвата. Станува збор за сите пораки, телефонски разговори, ретроактивни фајлови, фотографии, видеа. Може да ја вклучи камерата и микрофонот и да следи во реално време, а жртвата не треба да направи ништо за да се случи ова, освен да кликне на линк. Со поновите верзии, ни линк не е потребен, туку шпионскиот софтвер функционира врз основа на аномалии на IOS и на Андроид уредите и „тивко се инсталира“.

Агенти на владата на Виетнам се обиделе да го инсталираат шпионскиот софтвер „Предатор“ на телефоните на членови на Конгресот на САД, на телефоните на американски политички експерти и американски новинари, оваа година, во бескрупулозна кампања, објави „Вашингтон Пост“.

До ова откритие дошол конзорциум на новинарски екипи меѓу кои и „Вашинтон Пост“ преку форензичка анализа на линкови објавени на Твитер и документи.

 

 

 

 

 

Таргети на „Предатор“ биле двајца од највлијателните гласови на Капитол Хил за надворешна политика – претседавачот на Комитетот за надворешни работи Мајкл Мекол и сенаторот Крис Марфи.

Марфи е член на Комитетот за надворешна политика и претседател на поткомитетот за Средниот Исток. Исто така, мета на „Предатор“ биле и новинари од Си Ен Ен како Џим Скиуто и двајца репортери со седиште во Азија.

Како „Предатор“ ги нападнал телефоните на овие политичари и аналитичари?

 

Обидот да се инсталира македонскиот шпионски софтвер „Предатор“ дошол кога Виетнамски и Американски дипломати преговарале голем договор за соработка, наменет да го ограничи растечкото кинеско влијание во регионот. Тогаш, виетнамските дипломати биле многу заинтересирани што мисли Вашингтон за Кина и за прашањата во Азија. Претседателот на САД Џо Бајден, го потпиша договорот во септември, за време на својата посета во Виетнам.

Обидот „Предатор“ да влезе во телефоните на овие лица, бил преку лажни линкови кои симулирале објави од социјалната мрежа „Твитер“ (сегашно X). Преку линкови што личеле на линкови од „Твитер“, напаѓачите се обиделе да ги наведат политичарите да кликнат и да влезат на сајтови, специјално дизајнирани за да го инсталираат шпионскиот софтвер „Предатор“, објави Вашингтон Пост.

„Предатор“ може да ги вклучи и микрофонот и камерата, да ги украде сите фајлови од телефонот. Многу тешко се открива неговото присуство на мобилните апарати. Со него може да се украдат сите приватни пораки дури и оние кои се енкриптирани.

„Предатор“ е дистрибуиран од мрежа на компании во која е вклучена европската „Интелекса“ поврзана со Тал Дилијан и поврзана фирма „Сајтрокс“ од Скопје.  САД ги стави и двете на црната листа во јули.

-Базирано на нашите истражувања и документите што ги видовме, мислиме дека „Интелекса“ го продала „Предатор“ преку повеќе посредници на Министерството за национална безбедност на Виетнам, изјави за „Вашингтон Пост“ Донча Циарбали, претседателка на безбедносната лабораторија на Амнести Интернешнал.

Директорката на „Сајтрокс“ и „Интелекса“ Сара Хамоу не одговорила на прашањата на новинарите. Во минатото, Тал Дилијан, поранешен воен разузнавач од Израел и човек кој формирал и компани во Македонија, за светските медиуми кажуваше дека „им продава на добрите момци, кои понекогаш не се однесуваат добро“.

„Предатор“ во светски рамки предизвикува скандали. Станува збор за скапа играчка, со оглед на тоа што „Њујорк тајмс“ објави дека ѝ бил нуден на Украина пред војната за 14 милиони евра, но таа одбила да го купи. Од искуствата во светски рамки на повеќе држави каде што бил употребуван и злоупотребуван, софтверот „Предатор“ може да се злоупотребува за следење на комуникациите на високо-позиционирани лица во безбедноста, политиката, судството, одбраната, новинари и активисти за човекови права. Затоа што е премногу скап, најчесто „Предатор“ им се нуди на влади и на држави за безбедносни цели, односно за борба против криминалот и тероризмот.

Но, „Предатор“ во Грција беше пронајден на телефоните на луѓе кои не биле дел од криминал, туку биле опозиционери или новинари, односно „Предатор“ во рацете на погрешно мотивирани луѓе лесно може да се претвори во оружје за политичка уцена, влијание врз изборите, загрозување на приватноста и
човековите права, како и за индискреција и политичка дискредитација.

Затоа ваквите софтвери со месеци се дел од дебата и посебен истражен одбор во Европскиот парламент, каде редовно се реферира за начинот на кој овие софтвери биле злоупотребувани. Таму, во парламентарните дебати, Македонија е споменувана уште на крајот на 2022 година, поради фирмата што сега, осум месеци подоцна се најде на црната листа на САД – „Сајтрокс АД“.

Пратеничката во Европскиот Парламент Софи Интвелд уште во 2022 година му се обратила на Тал Дилијан, споменувајќи ја Северна Македонија, но не добила одговор.

„Фирмата Сајтрокс хостирана од „Интелекса“, почна како стартап во Северна Македонија, но според Форбс, вие сте ја спасиле од банкрот со пет милиони долари. Корпоративната структура на „Сајтрокс“ се чини раштркана, со корпоративно присуство во Унгарија, Израел и трансфер на акции во корпоративен ентитет на Британските Девствени Острови. Ве молам дајте ни информации за вашата сегашна и поранешна улога во „Сајтрокс“ и каква е врската меѓу „Сајтрокс“ и „Интелекса“? Дали „Интелекса“ може да ни објасни зошто има присуство на Британските Девствени Острови? Дали „Интелекса“ може да објасни дали „Сајтрокс“ пренел делови од своите акции на Британските Девствени Острови?“, праша пратеничката во Европскиот Парламент Интвелт, ама Дилијан никогаш не одговори.

Во Грција Предатор се користел против новинари и опозиционери, па дури и членови на Европскиот Парламент. Владата на Грција на почетокот тврдеше дека оваа опрема е нелегална и дека нема никаква поврзаност со неа, за на крајот да признае дека дозволувала истата да се извезува во други држави, дел од кои режимски. Во август, премиерот Киријакос Мицотакис го отпушти шефот на службата за национална безбедност, но скандалот еруптираше и властите веќе не можеа да се кријат зад превезот на националната безбедност и да го игнорираат.

Алексис Ципрас рече дека Мицотакис е обвинет за претворање во националната безбедносна служба во парадржавна организација.

Последната капка што ја прелеа чашата се гласините дека шпиoниран преку малициозен софтвер на својот телефон бил и советникот за национална безбедност на Грција Александрос Диакополус како и шефот на националната одбрана Константинос Флорос. Лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис објави дека неговиот телефон бил следен. Грчкиот весник Документо откри дека министерот за труд Костис Хацидакис бил шпиониран кога бил министер за енергетика.

Њујорк Тајмс објави дека грчката влада и дала на фирмата „Интелекса“ дозвола софтверот предатор да го извезе во Мадагаскар, држава со историја на кршење на човековите права и политичка репресија на неистомислениците. Постојат загрижувачки податоци дека моќниот софтвер „Предатор“ бил доставен во Судан, во рацете на репресивна милиција.

Тал Дилијан иако познат во безбедносните кругови, се прослави и за пошироката јавност кога во 2019 година на новинар на Форбс му даде незаборавна можност на целиот свет да му покаже како може со своето супер технолошки опремено комбе, од секој мобилен телефон во радиус од половина километар, преку софистицирана опрема да ги извади сите податоци и да ги префрли на свој монитор. Тука влегуваат пораките на Ватс Ап, Фејсбук чатот, СМС пораките, контактите, телефонските повици. Дилијан е ветеран од израелските разузнавачки служби и мултимилионер, дилер на шпионска опрема. Презентацијата на перформансите на комбето пред камерата на Форбс, за секој корисник на мобилен телефон, благо речено е запрепастувачка, иако Дилијан негираше дека истото било вклучено во нелегални активности или незаконско следење на комуникациите, a ако било – тогаш тоа била одговорност на клиентите, оти неговата фирма не е ниту светска полиција, ниту светски суд.

Станува збор за комбе полно со опрема, која вреди меѓу 3,5 милиони и 9 милиони долари, зависно од желбите на клиентот. Од комбето, Дилијан пред камерата на Форбс, инсталираше шпионски софтвер на телефонот на колегата кој беше излезен надвор и кој не ни мораше да кликне на каков било линк за да се фати на мамката. Внатре во комбето, само секунди откако телефонот беше инфициран, пораките од Ватс Ап се појавија на мониторот пред Дилијан.

Во текстот на Форбс, Дилијан рече дека има нова фирма – Интелекса. А покрај Интелекса, се пофали и со македонската фирма која ја произвела шпионската опрема во комбето, Сајтрокс. За оваа фирма, Дилијан тогаш рече дека ја спасил од пропаѓање со 5 милиони долари и дека токму таа го изработила софтверот со кој од комбето демонстрираше дека може да ги прибере сите пораки од Ватс Ап од туѓ мобилен телефон. Таа фирма е „Сајтрокс“, од пред два дена на црната листа на САД за загрозување на националната безбедност на Америка.

После оваа медиумска авантура со Форбс, бизнисот на Тал Дилијан беше префрлен од Кипар во Грција, затоа што властите во Кипар го казнија 1 милион долари, за незаконско собирање податоци.

Европскиот Парламент се мачи да открие дигитално разбојништво и шпиoнажа со македонско – израелски софтвер?!

 

Скопскиот „Предатор“ демнел на грчки мобилни телефони како СМС-порака за вакцинација

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот