Шпанија ќе понуди посебни визи и пониски даноци за работници „од далечина“ од земји што не се во ЕУ

unsplas

Шпанија планира да издаде визи за „дигитални номади“ давајќи им можност на Британците, но и на жителите на земји кои не се членки на ЕУ да работат со пониски трошоци за живот со даночни олеснувања, пишува британски „Гардијан“.

Визите ќе им бидат понудени на луѓе кои работат „на далечина“ за компании надвор од Шпанија и кои остваруваат најмногу 20% од нивните приходи од шпански фирми.

Со оглед на тоа што законот допрва треба да биде усвоен, има уште некои детали кои треба да се „испеглаат“, но се очекува дека визите, во основа дозволи за престој, првично ќе важат една година, со можност за обновување до пет години, во зависност од околностите на апликантот. Блиските роднини, како што се брачниот другар или децата, ќе имаат право да им се придружат на носителите на новите визи.

Апликантите мора да доаѓаат од земји кои се надвор од Европската економска заедница и да можат да покажат дека работат од дома најмалку една година. Тие мора да имаат договор за вработување или, доколку се хонорарци, да покажат дека редовно биле исплаќани од компанија надвор од Шпанија.

Тие исто така мора да покажат дека ќе заработат доволно за да бидат самодоволни и дека имаат адреса во Шпанија. Засега не е јасно дали ќе мора да се подложат на проверка на криминалното досие. Во првите четири години, тие ќе се оданочуваат со стапка од 15%, наместо стандардниот данок на доход од 25%.

Шпанија им се придружува на 15 други европски земји кои нудат некоја верзија на виза за „дигитални номади“, а секоја земја има свои услови.

Во Хрватска, на пример, кандидатите мора да заработуваат најмалку 2.300 евра месечно, во Естонија 3.500 евра, во Исланд 7.100 евра, а во Португалија само 700 евра. Се смета дека Шпанија ќе постави минимален месечен приход од околу 2.000 евра. Грција воведе закон за дигитален номад во октомври 2021 година, нудејќи престој од една до три години. Апликантите мора да имаат месечен приход од 3.500 евра. Некои земји бараат да имате пари во банка – како Чешка (5.500). Некои, пак, бараат задолжителни уплати во приватно здравствено осигурување.

Мадрид, Валенсија и Барселона се веќе популарни меѓу дигиталните номади од ЕУ.

„Лесно е да се привлечат таленти. Барселона е мала и густо населена и е космополитска“, вели Саша Мишо, кој е коосновач на бизнисот за испорака на храна Glovo во градот.

Персоналот во компанијата е интернационален и затоа, како и другите стартапи во градот, јазикот на компанијата е англиски. Законот за стартапи има за цел да го изедначи патот на претприемачите низ озлогласената шпанска бирократија. Во моментов, потребни се во просек од 20 до 30 дена за да се основа компанија овде, во споредба со еден ден во Холандија или Британија.

Одличната покриеност со интернет речиси насекаде во Шпанија мами некои „дигитални номади“ да се сместат во руралните области, каде што кириите се многу ниски. Просечната Брзина на интернетот е меѓу најдобрите во Европа (148 Мбпс), речиси двојно поголема од брзината во Велика Британија.

Сепак, за жителите на градовите како Мадрид и Барселона, еден негативен ефект е тоа што номадите ги зголемуваат кириите, бидејќи луѓето кои работат од далечина за американски или британски компании можат да имаат многу повисоки плати и да плаќаат повисоки кирии од локалното население. Според последните статистики, просечната месечна плата во Шпанија е 1.751 евро, што за околу 20 отсто помалку од просекот на ЕУ од 2.194 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот