Шмит: ЕУ треба да ги охрабри земјите од Западен Балкан, потенцијалот за тензии на Балканот повторно расте

Меѓународниот пратеник за мир на Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит / Фото: EPA-EFE/FEHIM DEMIR

Меѓународниот пратеник за мир на Босна и Херцеговина ги повика лидерите на Европската унија кога ќе се состанат на самитот следната недела, да испратат порака за охрабрување до шесте балкански земји кои бараат членство во унијата.

Тој го упати својот апел додека земјите-членки на ЕУ се борат да се договорат дали можат да им гарантираат на шесте земји иднина во унијата на самитот на 6 октомври во Словенија.

„Самитот треба да пренесе јасна порака дека Европа има интерес за европски Балкан“, рече за Ројтерс меѓународниот висок претставник во Босна, Кристијан Шмит.

Неговата канцеларија го надгледува спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор од 1995 година, со кој заврши војната во Босна во 1992-1995 година, во која загинаа 100.000 луѓе. Војната беше еден од етничките конфликти што се водеа во 90-тите години, кога Југославија се распадна.

Потенцијалот за тензии на Балканот повторно расте, предупреди Шмит.

Спорот на границата меѓу Србија и Косово се разгоре и се зголемува фрустрацијата во регионот поради недостаток на напредок во преговорите за проширување на ЕУ.

Самитот требаше да внесе нов живот во проширувањето, но беше нарушен со несогласување меѓу земјите на ЕУ околу тоа дали блокот треба да го повтори ветувањето дека ќе им понуди на Србија, Косово, Босна, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија членство.

Поддржувачите на проширувањето предупредуваат дека кинеското и руското влијание на Балканот расте додека ЕУ се двоуми.

Шмит, поранешен владин министер во Германија, повика на конкретни чекори за приближување на шесте земји до унијата и подобрување на животот на нивните граѓани.

„Граѓаните и политичарите од шесте земји чекаат јасен сигнал што го отвора патот за поблиска соработка со ЕУ“, рече тој во коментарите за Ројтерс во средата.

Чекорите може да вклучуваат зголемена конвергенција со поевтини тарифи за роаминг на ЕУ за корисниците на мобилни телефони, подобра инфраструктура или поблиски економски врски помеѓу Балканот и ЕУ, рече Шмит.

Тој предупреди дека многу млади луѓе во Босна, обесхрабрени од недостатокот на напредок кон членство во ЕУ, се подготвени да емигрираат.

Има многу добро образовани луѓе кои не работат на Балканот, затоа што или не наоѓаат работа или затоа што заминале во странство, да работат во Австрија или Германија“, рече Шмит.

Извор: Ројтерс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот