Шилегов: Преземаме мерки против загадувањето, но граѓаните да немаат преголеми очекувања

фото:МИА

Привршува кампањата на Град Скопје за бесплатно подигање на остатоците од бербата. Во текот на кампањата на телефонската линија 071 395 395, за бесплатно подигање на остатоците од нивите се пријавиле 120 жители на главниот град, со што е спречено палење на 600 м3 отпад. За ова денеска на прес конференција информираше градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, при што ги повика Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и скопскиот плански регион следната година да се вклучат во акцијата, со цел што поголема ефикасност на истата.

– За ефикасноста на акцијата зборуваат податоците. 120 жители од Скопје, а најмногу од општините Сарај и Ѓорче Петров се пријавија за бесплатно расчистување на остатоците од нивните ниви – рече Шилегов.

За оние кои и покрај можноста бесплатно да се ослободат од остатоците од нивите, одлучиле да ги запалат стрништата и со тоа да го загадат воздухот, следувале казни.

– На повеќе локации се забележани запалени стрништа. Успеавме да казниме тројца земјоделци – рече Мирослав Богдановски, инспектор за животна средина во Град Скопје.

Како што кажа Богдановски, обиколки се правеле насекаде, без исклучок на ниту една општина.

Кампањата за бесплатно подигање на остатоците од бербата, Град Скопје ја започна во соработка со УНДП и МДЦТ, со цел намалување на аерозагадувањето. Прашан што презема Градот за да не се повтори минатогодишното сценарио со загадувањето, Шилегов рече дека преземени се повеќе мерки, но на граѓаните им порача да немаат преголеми очекувања бидејќи, за две години не можеле да се надоместат последиците од долгогодишното лошо работење.

– Станува збор за сет на мерки кои градот ги презема за да се намали аерозагадувањето. Град Скопје аплицираше за добивање на топловодната мрежа, а откако цел град ќе се поврзе на истата очекувам драстично намалување на загадувањето. Ќе беше подобро ако во минатото се изградеше трамвајот, наместо да се градат галии во Вардар, сега загадувањето ќе беше минимално. Не е коректно за две години да очекувате драстични промени, рече Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот