Шилегов: Не знам дали ќе се гради кафич на кровот на ГТЦ

Кров од ГТЦ
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Фотографии од Градскиот трговски центар на кој јасно се гледа како никнува нов објект, ја разлутија македонската јавност. Зелениот кров на ГТЦ кој веќе подолго време се најавува, граѓаните го доживуваа како спас од загадениот воздух. Но, наместо зеленило, граѓаните ќе добијат уште едно место за забава, бидејќи, неофицијално таму се гради угостителски објект.

Кров на ГТЦ
Фото/ Драган Митрески

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов кој неодамна во врска со оваа тема рече дека станува збор за помошен објект, не поголем од 1.000 метри кврадратни. Сепак, тоа не ги задоволи скопјани, кои со денови преку социјалните мрежи прашуваат дали станува збор за задоволување на нечии бизнис интереси, наспроти преземање на вистински активности за намалување на аерозагадувањето.

Со цел да ставиме крај на шпекулациите, денеска побаравме одговор од првиот човек на градот, кој за Слободен печат рече дека ако се констатира изградба на објект за угостителска намена, Градот ќе побара преиспитување и корегирање на позициите кои ГТЦ ги има во однос на тој објект“.

„Денес го свикав раководството на Градскиот трговски центар, со цел точно да кажат која им е идејата и намерата, имајќи во предвид дека во таа трипартитна соработка помеѓу Град Скопје, ГТЦ и УНДП, ние не бевме тие кои го изработуваат проектот. Бидејќи во јавноста се крена галама, оправдана или неоправдана, не можам да кажам, сакам да биде соопштено што е тоа што имаат намера да го изградат на кровот на ГТЦ, бидејќи матичната согласност што ние ја дадовме беше поставување на урбана опрема а не изградба на објект. Ако се констатира дека се гради објект со таков тип на намена, ние ќе мораме да бараме преиспитување на таа позиција и корегирање на позициите кои што ги има ГТЦ во однос на тој објект“, рече Шилегов.

Кров од ГТЦ
Фото/ Драган Митрески

Од друга страна, пред само неколку дена, за време на гостување на Шилегов во Канал 5, рече дека не би било интересно ако на кровот на ГТЦ има само трева, и не гледа ништо лошо ако таму се изгради кафич.

– Замислете да е празно и да е само зелен простор. Ако ГТЦ сака да е кафуле си има процедура. На јавни поршини мора да има нешто што ќе ги привлече луѓето, рече Шилегов во емисијата Само интервју.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот