Шестчлен хируршки тим ќе замине во Норвешка, па во Авганистан во рамки на НАТО мисијата

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретнаа со шестчлениот хируршки тим од јавното и военото здравство кој ќе биде распореден во рамките на норвешката болница во Кабул, Авганистан, од март до септември годинава. Пред упатувањето во мисијата „Одлучна поддршка” во март 2021 година, на тимот му претходи тримесечна обука која ќе се реализира во Кралството Норвешка, заедно со норвешките колеги кои ќе бидат дел од истата ротација во Кабул. Оваа обука ќе се состои од основна воена и тимска обука, предавања и работа во групи, по што ќе следи и специјална обука за воена хирургија.

„Вие сте првиот македонски хируршки тим кој ќе учествува во НАТО мисија како тим од земја членка. Ќе учите од најдобрите бидејќи нашиот партнер Норвешка е познат по развивањето на воената медицина”, рече министерката Шекеринска. Таа додаде дека Северна Македонија како членка на НАТО до 2028 година треба да развие НАТО способност во форма на хируршки тим кој ќе стои на располагање како НАТО ресурс. Учеството во оваа мисија во Авганистан е еден од чекорите за подготовка и развој на оваа способност.

Честитајќи им на изборот, министерот Филипче ја истакна важноста на учеството на нашиот тим во мисијата „Одлучна поддршка” и рече дека овој проект е важен не само за Министерството за одбрана туку и за целата држава бидејќи членството во НАТО значи и развивање на медицински тимови за брза интервенција. „Од вашето учество во мисијата ќе има бенефит целокупниот систем на јавното здравство бидејќи вашето знаење ќе го применувате но и ќе го пренесете на специјализантите и студентите”, рече министерот.

Тимот брои три доктори специјалисти – по трауматологија, по општа хирургија и по анестезиологија и три медицински сестри. Петмина од нив се од јавното здравство, а една е медицинска сестра од Баталјонот за медицинска поддршка на Армијата на Република Северна Македонија.

Вклучувањето на докторите и медицинските сестри од јавното здравство во рамките на ротацијата во норвешката болница во Кабул е врз база на Меморандумот за соработка помеѓу министерствата за одбрана и за здравство според кој составот на тимот го обезбедува Министерството за здравство, а финансиските средства се обезбедени од Министерството за одбрана. Трошоците за обука и логистичка поддршка во мисијата ги покрива Кралството Норвешка.

Северна Македонија и Кралството Норвешка имаа исклучително успешна соработка во доменот на военомедицинската соработка во рамките на силите ИСАФ во Авганистан. Македонски и норвешки доктори и техничари работеа заедно во седум ротации во мисијата на Алијансата во Авганистан во периодот од 2008 до 2012 година, што придонесе за развој на интероперабилноста во оваа област, меѓусебното запознавање и растот на довербата помеѓу двете земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот