Шекеринска: Бугарското вето ја ослабна улогата и влијанието на ЕУ во целиот регион

Радмила Шекеринска / Фото: Министерство за одбрана

Неуспехот да се испорача тоа што Северна Македонија го заслужува, ја загрозува ЕУ во еден важен регион кој е опкружен со членки на Унијата. И затоа изгледа дека бугарското вето „успеа” таму каде што не успеаја други надворешни влијанија – да ја намали моќта и влијанието на ЕУ во целиот регион на Западен Балкан, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешниот состанок на министрите за одбрана на Централноевропската одбранбена соработка која во моментов се одвива под претседателство на Хрватска.

Шекеринска, како што соопшти Министерството за одбрана, нагласи дека Северна Македонија во изминатите четири години беше целосно и искрено посветена на евроатлантските интеграции, што уште повеќе ја зголемува разочараноста од одлагањето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

– Северна Македонија, не седеше и не чекаше да добие подарок, туку во последните неколку години работевме на суштински, болни и тешки реформи, не само за решавање на билатералните прашања со Грција и Бугарија туку и на прашања кои се важни за европската агенда, како што се човековите права, владеење на правото, транспарентноста, борба против корупцијата, правата на малцинствата. Во сите овие прашања Северна Македонија има видливи резултати, рече министерката за одбрана.

Западен Балкан, посочи Шекеринска, е клуч за безбедноста и за успехот на Европската Унија, а безбедноста, стабилноста и просперитетот на Западен Балкан зависат од неговите евроинтеграциски перспективи.

На состанокот кој се одржа преку видеоконференциска врска, претседаван од домаќинот, хрватскиот министер за одбрана Марио Баножиќ, учествуваа и министрите за одбрана на Австрија, Унгарија, Словачка, Словенија, Албанија, Црна Гора, Косово и Србија, и замениците министри од Чешката Република и од Босна и Херцеговина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот