Шаќири очекува Собранието брзо да ги усвои новите закони за средно и стручно образование

Фото: Јетон Шаќир, Фејсбук

На владина седница вчера беше утврден текст на нов Предлог-закон за средно образование и нов Предлог закон за стручно образование и обука, а предлагач е Министерството за образование и наука. Како што соопшти министерот Јетон Шаќири, новиот закон ќе овозможи развој на клучните компетенции и вештини кај младите, со фокус на дигиталните вештини, неопходни за понатамошното образование и успешно вработување.

Првпат се воведува и кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, а се регулира и ученичкото организирање и учество во носење одлуки. Со новиот Закон за стручно образование и обука, пак, се регулира концептот на дуално образование за чија надградба и проширување.

Шаќири очекува Собранието брзо да ги донесе новите закони за средно образование и за стручно образование и обука.

-Законите се проследени до Собранието и очекувам брзо усвојување, затоа што беа изготвени преку инклузивен процес во кој учествуваа сите засегнати чинители, наведува министерот за образование и наука.

Владата утврди текст на нов Предлог-закон за средно образование

Целта на новиот закон за средно образование, според предлагачот, е да се овозможи унапредување на системот на средното образование, со што директно ќе се влијае на квалитетот на целокупниот систем на образование во државата.

Учениците, како што информира владината прес-служба, во процесот на средното образование ќе се стекнат со знаења и вештини, со кои ќе можат да го продолжат своето натамошно образование, но истовремено ќе ги направи учениците компетитивни на пазарот на трудот и ќе го олесни нивниот пат до вработување или самовработување.

Посебна новина којашто се воведува е во поглавјето „Испити на крајот на средното образование“, односно воведувањето стручна матура и влезен академски испит.

По завршувањето на последната година на гимназиското образование, како што е предвидено, учениците полагаат државна матура или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма) учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура.

По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со двегодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит. По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура.

Концепцијата за испити на крајот на средното образование ја изготвува Државниот испитен центар, а на предлог на Државниот матурско-академски одбор, ја утврдува министерот.

„Донесувањето нов Закон за стручно образование и обука е во согласност со Стратегијата за образование 2018-2025 година, којашто како приоритети ги поставува: усогласување на стручното образование и обука со потребите на пазарот на трудот, подобрување на средината за учење и квалитетот на стручното образование и обука, зголемување на опфатот во стручното образование и обука и подобрување на капацитетите на човечките ресурси“, се вели во владиното соопштение.

Донесувањето нов Закон за стручно образование и обука е определено и со Годишниот план за работа на Министерството за образование и наука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот