Шаќири: Дигиталните вештини остануваат предизвик во образовниот систем

Јетон Шаќири / Фото: Архива на „Слободен печат“

Трета година по ред Северна Македонија е дел регионалната програма „Училишта на 21 век”, финансирана од Владата на Обединетото Кралство, чија цел е да го развива критичкото размислување, дигиталните и вештините за кодирање кај учениците на возраст од 10 до 15 години. Во рамки на програмата се организираат обуки за наставници за начинот на нејзина реализација, како и натпревари за учениците на национално, а потоа и на регионално ниво, на кои тие го презентираат стекнатото знаење преку креирање проект за надминување одреден предизвик од секојдневието, со примена на уред за кодирање: микробит.

На ученичкиот натпревар во тековната учебна година кој се одржува денеска, учествуваат 10 тимови на ученици чии предлог-проекти, односно решенија за одредени општествени предизвици, ги минаа претходните фази на евалуација и беа оценети како најкорисни и иновативни.

Пред почетокот на натпреварот свое поздравно обраќање до учесниците имаше министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој, како што соопшти МОН, рече дека дигиталните вештини се веројатно најпотребните во денешно време, а тоа се должи на брзиот развој на технологијата и нејзиниот продор во сите општествени сфери.

– Нивното поседување е предуслов за извршување бројни професии и занимања, а де факто, во најмала рака неопходни се и заради секојдневна комуникација, информираност и одржување врски преку светот на интернетот. Токму и во таа насока го позиционираме националниот образовен систем, односно го насочуваме неговиот иден развој – градиме модел преку кој сите нови генерации на ученици, меѓу повеќе други вредности ќе стекнуваат и се понапредни и понапредни дигитални вештини, рече Шаќири, додавајќи дека се работи на осовременување на наставните планови, програми и материјали за учење, како и на опремување на училиштата со модерна ИТ-технологија.

Министерот изрази задоволство што во напорите за модернизација на националниот образовен систем, земјата има голема поддршка од низа вистински и долгогодишни партнери меѓу кои и Обединетото Кралство преку Британскиот совет и Амбасадата во Скопје.

-Благодарение на програмата „Училишта на 21 век”, микробит уредот кој пред четири години беше сосема непознат за нашите ученици на возраст до 15 години, денес таа технологија е совладана и успешно се применува во наставата и во изнаоѓање на решенија за предизвици од секојдневието, истакна Шаќири, потенцирајќи дека е одушевен од проектите кои со помош на овој уред ги креирале учениците, со што докажале дека иако се релативно млади, како што рече, доколку од нив се побара да дадат предлог за надминување одреден предизвик, ќе се потрудат и ќе предложат одлично решение.

Посакувајќи им успех на натпреварот, истакна дека сите ученици кои се дел од финалната фаза на натпреварот се гордост не само на нивните семејства, туку и национална гордост, затоа што потврдуваат дека државата има млади кои ќе бидат предводници на промените и двигатели на општеството.

– Овде првото место е само за еден тим, но во светот и секојдневието ќе имате толку многу можности за натпревар и за докажување, што верувам дека поради вашиот голем натпреварувачки дух нема да сакате да ги пропуштите, рече Шаќири.

Стручно жири, составено од претставници на Бирото за развој на образованието и професори од ФИНКИ, ќе ги оценува презентираните ученички проекти, по што ќе бидат прогласени победниците, односно најдобрите три проекти, информира Министерство за образование и наука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот