Серафимовски: Лекарите бегаат во странство, бајачките влегуваат на „голема врата“

Фото: илустрација / Архива

Најголемиот дел од службениците чесно и напорно си ја вршат работата, а трпат страшна тортура од раководителите, кои својата непрофесионалност ја кријат зад партиските влијанија. Непотизмот е најприсутен во јавниот сектор каде што има најголеми плати, а најмал во институциите каде што платите се ниски, па тие сектори веќе ги губат професионалните кадри. Тоа го нарушува психофизичкото здравје на вработените во јавниот сектор и ги демотивира младите луѓе да се вработуваат во институциите – посочи Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на самостојни синдикати

Корупцијата во здравството е општествено прифатена норма, која почнува од бакшишот што пациентите чувствуваат дека мора да го дадат на лекарот што ги лекува, но ја има и при набавките на лековите, медицинската опрема, вработувањата, а и кај големите фармацевтски компании што ги фаворизираат лекарите, изјави д-р Предраг Серафимоски, претседател на Самостојниот синдикат на вработените во јавното здравство, кој беше еден од панелистите на Конференцијата на самостојни синдикати за влијанието на корупцијата и непотизам врз реформите и платите во јавниот сектор.

Младите лекарите веќе не се гледаат како дел од нашето општество и поради фактот дека платата на еден судија е 130 илјади денари, а платата на лекар специјалист само 45.000 денари! За овој синдикалец е погубно што граѓаните плаќаат двојно за здравствените услуги во приватните клиники, кои имаат склучени договори со Фондот за здравство.

Серафимовски повтори дека од 450 завршени лекари, дури 430 зеле лиценци на германски и на англиски јазик, а масовно се учи шведскиот јазик, бидејќи лекарите бараат работа во скандинавските земји.

– Страшен е хаосот во здравството, имаме 36 клиники со 36 управни одбори, чиј годишен буџет е од 9 до 10 милиони евра, а нив ги раководат 66 менаџери заедно со економските. Парите треба да се вратат во јавното здравство, да ги зголемиме платите и да ги намалиме непотизмот и корупцијата, бидејќи ќе нема кој да го лекува македонскиот народ. Ќе се вратиме на бајачките во 21 век – поентираше Серафимовски.

Според Благоја Ралповски, претседател на КСС, избраните и именуваните функционери шират демагогија дека за корупцијата се виновни вработените во јавниот сектор, а тоа не е вистина.

– Најголемиот дел од службениците чесно и напорно си ја вршат работата, а трпат страшна тортура од раководителите, кои својата непрофесионалност ја кријат зад партиските влијанија. Непотизмот е најприсутен во јавниот сектор каде што има најголеми плати, а најмал во институциите каде што платите се ниски, па тие сектори веќе ги губат професионалните кадри. Тоа го нарушува психофизичкото здравје на вработените во јавниот сектор и ги демотивира младите луѓе да се вработуваат во институциите – посочи Ралповски.

Професорот Лазар Јовевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ оцени дека неказнивоста на корупцијата разорно влијае и врз економијата, а системот се урива однатре. За Стефчо Негриевски од КСС, вработувањата на определено време во јавниот сектор по скратена постапка, со која се заобиколуваат административните закони, се голем извор на корупција.

– Министрите за администрација се менуваат како чорапи, а реформите кај нас почнуваат и завршуваат со отпуштања на службениците, нивни преместувања каде што не им е место, лоши систематизации, договори на определено време. Замислете добивме и шефови на определено време – истакна Негриевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот