Сендвич без корка

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Добро, тостот не беше како „Кај Чичко Стоилко“, ама тост, луѓе, тост, и покрај тоа што тука ни го подметнаа под името „панини“, а не беше, жими Стоилко не беше, а на сендвичот му ги исекле корчињата, па го поделиле на половина, за да можете да го фатите, онака деликатно, со два прста. Па не бевме на чај кај кралот или во Хародс, во Дорчестер, во Савој… Напротив!

И фин муабет направивме. Среде Лондон, во една од најубавите и најтренди улици со бутици од најпознатите фирми и марки и брендови. Откако претходно ги спомнавме оние „марки“ што се точкаа и чекаа во редици пред некои од продавниците да ги пуштат да влезат и да потрошат несразмерно на квалитетот (пластика) пари за чантички за да се сликаат со нив на Инстаграм или на Тикток и да бидат видени и коментирани, ама не како ние што ги искоментиравме. За потоа да преминеме на спомнување други „марки“, за на крај – десертот – драгите луѓе од татковината, со посебен осврт на убави претстојни настани и минати и случувања, па упорни да ги извлечеме од заборав и настаните и луѓето, Кејт ми ја обезбеди виа Весна од Скопје сликата на Бимбо, и така ги одврзавме гимназиските денови и пријателства што немаат рок на траење. А, бе, муабети и озборувања и спомнувања и на кралот и на татковината и околината со детали, со сите салтанати. Кој знае, знае, кој не знае, штета.

Пиење чајче на топ-локација во Лондон чини

Знаев дека пиење чајче на топ-локација во Лондон ќе чини. Ама дека ќе чини толку многу, не очекував. Два чаја, еден тост и еден мал сендвич со моцарела и домат, изгор и несвестица! Чајот беше топла вода со кесичка инглиш брекфаст, значи ништо егзотично и донесено од длабочините на џунглите на Амазон, каде што домородното население од уста делело ние да пиеме, па мора да платиме со данок во крв. Добро, тостот не беше како „Кај Чичко Стоилко“, ама тост, луѓе, тост, и покрај тоа што тука ни го подметнаа под името „панини“, а не беше, жими Стоилко не беше, а на сендвичот му ги исекле корчињата (најслаткото, а не побарав), па го поделиле на половина, за да можете да го фатите, онака деликатно, со два прста, а малото прсте да остане нагоре, ама добога, па не бевме на чај кај кралот или во „Хародс“, во Дорчестер, во Савој или во некое слично фенси-шменси место, па да ви „наплатат за угоџај“. Напротив. Слаткарницата беше фина, малечка, ама ништо посебно, во една од оние стари лондонски куќи, јас седев до прозорецот и ме уби промаја, на мало масиче. Ама очигледно ја наплаќаа локацијата. И после зборувај за оние што чекаа да платат мало богатство за пластични чанти…
Нејсе, зборот ми беше дека скапотијата стана неиздржлива и тука, во Лондон, каде што, главно, знаеме дека е – скапо. И ние, домородното население, знаеме дека во централниот дел на Лондон наплатуваат исклучително многу. Дојде време и ние, како туристите, пред да влеземе некаде да ги проучуваме менијата на влезовите од рестораните, бистроата и луксузните пабови со внимание и да ц’цкаме и туфкаме за цените. Или, како што еднаш им рече еден келнер на мајка ми и пријателката, кога подолго време го гледаа и вртеа менито во еден скопски ресторан, госпоѓи (фала за госпоѓи, а не тетки или не дај боже баби, со менито ќе го нападнеа), вие ќе нарачате или ќе магистрирате?

Акцијата на Садик Кан

Работите стигнаа дотаму што градоначалникот на Лондон, Садик Кан, деновиве поведе акција за реанимација на централен Лондон и да ги мотивира лондончани, лондончанки и малите лондончанчиња повеќе да доаѓаат во градот, да не го ограничува времето со кое корисниците на дневните билети можат да го користат градскиот превоз и да апелира ресторани и барови барем во некои денови и барем во некои времиња да нудат пристапни цени за (елитни) оброци, за кои не мора да се дава бубрег во залог.
Кан побара и национална стратегија за справување со причините за криминалот, не оној за цените на чај и тост, туку оној вистинскиот (макар што е криминал колку наплаќаат по рестораните, продавниците, самопослугите итн., ама ајде…) и – ја нагласи врската меѓу животните трошоци и порастот на одредени прекршоци низ градот. Значи, да доаѓаме и да се чувствуваме безбедно, не само кога пиеме чај, туку и кога се враќаме дома во ниедно време, полесни за неколку стотици фунти. Во говорот од минатата недела, градоначалникот посочи на моделот на угледната „Лондон скул оф економикс“ (ЛСЕ), кој покажа дека 10 проценти пораст на животните трошоци во Лондон е придружен од осум проценти пораст на насилство, грабежи, џепарење, пљачкосување и кражби. Садик рече дека недоветните мерки на владата го загрозуваат напредокот за справување со криминалот и насилството во Лондон и дека мора да има обновен национален фокус врз причините за криминал.
Конзервативната кандидатка за градоначалник, Сузан Хал, вели дека Садик не е во позиција да држи лекции за криминал во Лондон, зашто осум години само затворал полициски станици и го игнорирал криминалот. И кандидатот на либералдемократите Роб Блеки го спомна извештајот на ЛСЕ, ама го обвини Кан дека си бирал делови кои му одговарале, при што не спомнал дека скапотијата толку ги „занемува“ луѓето, што за 26 отсто се намалил бројот на пријави на престапи кај полицијата!
Стапката на инфлација сега е на најниското ниво во последните две и пол години, велат економистите, од 4 отсто на 3,4 отсто во февруари. Но цените на храната, алкохолот, облеката, горивата и домувањето, никако да паднат. За кафеаните и рестораните воопшто муабет да не правиме. Какво време дојде, да оди човек, корката од сендвичот да си ја побара…

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот