Семејното насилство во Грција: Насилниците ретко одат во затвор

Profimedia семејно насилство
Партнерско насилство. / Фото: Profimedia

Драматичните податоци за степенот на злоупотреба на жени во Грција се дел од првиот Годишен извештај за насилство врз жени, објавен вчера од владиниот Генерален секретаријат за семејна политика и родова еднаквост.

Повеќе од 13 жени дневно, или вкупно 4.872, биле жртви на насилство во периодот од 1 ноември 2019 година до 31 октомври 2020 година. Оваа бројка се однесува на оние лица кои пријавиле инцидент, како што е прикажано од базите на грчкото Здружение за локален развој и самоуправа и неговата СОС телефонска линија. Карактеристично е тоа што 549 претставки, повеќе од еден од десет случаи (11,2%) се пријавени за време на епидемиската забрана за сообраќај во март и април годинава.

На прв поглед, повеќе од 8 од 10 жени се злоупотребени од познаник, главно во нивната врска (сегашен или поранешен сопруг/партнер, во 69% од инцидентите), но исто така и нивен роднина (12%), на возраст од 36-45 години (36%). Во 45% од случаите се работи за невработени жени, а дури 71% од нив се мајки.

Табела: Семејно насилство во Грција

Најчестата форма на насилство е семејното насилство (84%), проследено со сексуално вознемирување или силување (2%). Речиси едно од десет лица (9%) кои пријавуваат злоупотреба е млада девојка до 25 години старост.

Истовремено, СОС-телефонската линија за 24/7 поддршка бележи дека од 6.986 повици поврзани со јавениот проблем, 6.042 се однесуваат на „инциденти на насилство“, а 944 случаи спаѓаат во категоријата „корисни информации“.

Полициска евиденција

Од полициската евиденција за злосторства врз жени во 2019 година, извештајот цитира податоци за жени жртви, кои пријавиле силување. Минатата година тој број на случаи изнесувал 204, додека во 2018 година бил 217.

Меѓутоа, во најтешкото злосторство на „жени жртви на намерно убиство“, минатата година се забележани 8 жртви, во споредба со 2018 година, кога таа бројка изнесуваше 13, а во деценијата 2010-2019 се регистрирани вкупно 106 убиства на жени како акти на родово насилство. Доказите покажуваат дека во најголем дел од референтните години, по една жена е убиена месечно од страна на член на нејзиното семејство.

Генерално, индикаторите за насилство врз жените, според податоците на полицијата, покажуваат значителен пораст за време на кризата и пред пандемијата од 156% во периодот 2012-2019 година во случаи на семејно насилство пријавени од жени во полиција. Во 2019 година, 4.171 жена пријавиле семејно насилство во полиција, што претставува зголемување од 9,3% во споредба со 2018 година, каде што соодветниот број бил 3.815.

Стапката на пријавени кривични дела за семејно насилство, без оглед на полот на жртвата или сторителот, исто така се зголемила за 10,5% во 2019 година, односно од 4.722 пријавени кривични дела во 2018 година, до 5.220 во 2019 година.

Мажите се почесто насилни

Полициските податоци покажуваат и дека мнозинството извршители на кривични дела во семејното насилство се мажи (84,5%), но 15,5% се жени.

Според податоците на судството, пак, изрекувањето ограничувачки услови од страна на 13 Основни обвинителства во Грција за дела поврзани со вршење семејно насилство врз член на нивното семејство, минатата година се однесувале на 46 мажи, во споредба со 7 жени. Основните обвинителства во истиот период процесирале 4.097 мажи и 736 жени, како наводни извршители на семејно насилство.

Сепак, и покрај илјадниците поплаки, мал процент од сторителите на крајот издржуваат ефективна казна во казнено-поправните домови за вршење семејно насилство врз член од нивното семејство: во 2019 година тоа било случај со 79 мажи, наспроти две жени.

Преземено од „Ефемерида тон синтактон“ од Атина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот