Сексипилот на курвата вавилонска

Фото: Слободен печат

Никос Коѕијас, поранешниот шеф на грчката дипломатија на неговиот Твитер профил ја одбележа годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа.

-Една година, мој пријателе, Никола Димитров – напиша Коѕијас под фотографијата на која позира заедно со сè уште актуелниот македонски министер за надворешни работи

-Направивме историја, размислувајќи за иднината, мој пријателе – му одговори Димитров, а притоа во духот на Преспа, ја сподели објавата на Коѕијас и на својот профил.

Поминаа 12 месеци од потпишувањето на историскиот Договор од Преспа, со кој беа закопани непријателствата помеѓу Грција и Македонија, кои траат од осамостојувањето на земјава. Историскиот договор го прекина деценискиот спор, отварајќи ѝ ја на нашата Република вратата на НАТО и Европската Унија, која од пред некој ден од „курва вавилонска“ е унапредена во „сексипилна жена“ и која кај фројдовски заостанатиот Балканец буди силни еротски чувства.

Така е тоа со убавите и недостижни жени, кои просечниот Македонец ги прелистува на Инстаграм, додека секое утро од себе ги вади последиците направени од евтиниот алкохол консумиран претходната ноќ. Убави, згодни, сексипилни, европеизирани и не ги интересира историја, уште помалку ги интересерира стремежот на македонскиот народ за слобода и државност, за Гоце Делчев знаат дека е мост, а за Никола Карев нормално – гимназија. Знае Македонецот дека тие девојки за вистинската цена се во придружба на шеици, директори, газди и дека само за вистинската цена го одбираат својот сопруг, љубовник и другар, но и покрај тоа тој ги прелистува секое утро нивните тазе објавени фотки, восхитувајќи им се на нивната сексипилност и недостижност.

Таков е и односот кон Европа. Сексипилноста ѝ е вродена за да ја интересира историското значење за македонскиот идентитет, кога е во прашање ликот, делото и националната припадност на великанот Гоце. За Илинденското востание сувопарно ќе ви каже дека тоа не е ниту меѓу стоте најголеми буни во Осмалинското царство во 1903-тата година, а за македонските „Термопили“ – одбраната на Мечкин камен, отсутно со подигната веѓа и напрчени усни ќе ви препорача да баталите историја. Ќе ве пофали кога ќе си го смените името, но кога ќе ја запрашате за датум ќе ве откачи како што Каролина го откачи Гроздан на времето.

Знаеме сите ние искусни паталци што значи да сакаш сексипилна и недостижна жена, која во секоја прилика ти го грешава името и ја интересираш како лански ребаланс на буџет. Од време на време ќе ти климне со глава, па дури можеби и ќе те покани на некоја забава, каде пред фајронт ќе си замине со некој „коцкаст“ во главата и сосема неприметно ќе ти намигне. Потребна е сила и многу ум, за да човек ја протера од мислите таквата жена и да се натера на трезвено размислување, па во иднина да се дружи со добро воспитани дами.

Преспанскиот договор е стар 12 месеци, но за Европа ја добива истата патина како и Илинденското востание, Мечкин камен и мостот „Гоце Делчев“. Името родено пред една година во водите на Преспанското Езеро, не е, а веројатно и нема да стане никаков аргумент за да закажеме „дејт“ со сексипилната Европа, која од неодамна реши да избегнува нови партнери.

На следното наше спомнување дека си го променивме името и дека поради тоа заслужуваме датум за преговори со ЕУ, од Брисел ќе ни препорачаат да баталиме историја и да се фокусираме кон иднината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот