Сè уште нема тестови што детектираат грип или ковид со едно земање брис

коронавирус-скопје-болница-ковид-19-миа11
Коронавирус/ Скопје/болница/ковид-19/ Фото: МИА

Само Клиниката за пулмологија во државното здравство има панел што детектира со кој од двата респираторни вируса е заразен пациентот, но тој се користи само по индикација. Во приватните лаборатории во земјава вакви тестови чинат околу 4.000 денари.

Државата не обезбеди тестови кои детектираат грип или ковид со едно земање брис, се жалат матични лекари кои врз база на своето искуство и препознавање на симптомите мораат да се одлучат од што да ги лечат пациентите. Со заладувањето, во амбулантите доаѓаат пациенти кои се плашат дека заболеле од ковид поради сличноста на симптомите на двата респираторни вируса.

Претседателката на Здружението на матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова, вели дека во нејзината амбуланта десетина пациенти месецов биле дијагностицирани со грип или настинка.

– Утврдуваме по симптоматологијата за што станува збор затоа што нема тестови. На болните од грип им светат очите, имаат поинтензивно течење на носот два-три дена. Тие што се со ковид имаат стегање и гушење во градите и болки во мускулите, не кашлаат, не им тече нос, туку го губат чувството за мирис и вкус. Сепак, не постои начин да се детектира дали е грип или ковид без тестови. Има тестови што диференцираат грип и ковид, но државата не ни ги обезбеди за да функционираме ефикасно. Стравот е голем, поголемиот дел пациенти се тестираат за ковид за да ја елиминираат таа опција – вели Чолакова-Дервишова.

Според неа, пациентите со грип немаат компликации ако навремено им се даде терапија за да не се спушти секрецијата на белите дробови и да не дојде до бронхитис.

Во земјава, само на една државна клиника има панел што детектира и грип и ковид одеднаш, со еден брис. Тоа се прави само по индикација на Клиниката за белодробни заболувања.

Токсикологот доктор Нико Беќаровски неодамна апелираше здравствените власти да набават брзи тестови што би се продавале во аптеките, а со кои брзо може да се утврди дали инфекцијата е од грип или од коронавирусот. Таква препорака има и од американскиот Центар за контрола и превенција на болести. Засега вакви тестови се прават само во приватните молекуларни лаборатории во земјава, а чинат околу четири илјади денари.

– Со доаѓањето на зимата неминовно ќе дојде и сезонскиот грип. Затоа додека цените на тестовите уште не се скапи, веднаш набавете ги брзите комбинирани антигенски тестови, со кои на релативно евтин начин и во краток временски рок ќе може да веднаш да ги дијагностицираме болните. По еден месец можеби ќе биде предоцна – апелира доктор Беќаровски.

Епидемиологот доктор Јованка Сурлакова-Коровешовска од Центарот за јавно здравје Охрид, вели дека годинава никој не оди да се тестира за грип и сите пациенти се фокусирани на ковид.

– Не дека нема грип, но никој не дошол да му земеме брис за грип. Сите се фокусирани на ковид и никој паралелно не тестира ковид и грип – ни рече доктор Сурлакова-Коровешовска.

Мислат дека е стомачен вирус, а болни се од ковид-19

Пациентите ни доаѓаат со симптоми на повраќање и стомачен вирус, но на тестовите се позитивни на ковид-19. Стомачните тегоби се можен симптом на ковид, изјави неодамна за „Слободен печат“ раководителката на Центарот за јавно здравје Скопје, доктор Љуљзиме Бајрами.

– Ние и порано сомнителните на ковид-19 ги прашувавме дали имаат стомачни проблеми, односно дијареја и повраќање, но сè до неодамна ретко некој позитивно одговараше на ова прашање од анкетниот прашалник. Забележуваме дека во изминативе десетина дена е голем бројот на граѓани што посетуваат лекар поради стомачни тегоби, а откако матичните лекари ќе ги препратат на дополнително испитување, се потврдува дека се позитивни на ковид-19 – вели доктор Бајрами.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот