Се спрема ли свилен гајтан за новоизбраниот Ислам Абази?
Изборот на Абази за нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е доказ дека се потребни дополнителни реформи во правосудниот систем, вели премиерот Ковачевски, по критиките што ги упати амбасадорката на САД.
Премиерот Димитар Ковачевски се согласува со ставот на амбасадорката на САД за изборот на Ислам Абази за нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и смета дека изборот е доказ дека се потребни дополнителни реформи во правосудниот систем. Пред две недели, непосредно по изборот на Абази, премиерот немаше забелешки, туку само честитки за изборот.
Контроверзниот избор на Абази сè уште ја бранува јавноста, особено по изјавата на амбасадорката на САД Анџела Агелер, а повиканите во јавноста се бранат со аргументацијата дека изборот е законски, а Абази го избрале колегите обвинители.
Премиерот незадоволен од изборот
– Се согласувам со изјавата од Американската амбасада. Морам да бидам искрен, јас како премиер и министрите, ние немавме никаков удел во изборот на шеф на Обвинителството за организиран криминал, со оглед дека стануваше збор за непосреден избор помеѓу самите обвинители. Како бил направен изборот, најдобро може да ви кажат обвинителите, дали е според сите стандарди и начела на добро владеење? Тоа исто така може да ви го кажат самите обвинители или, пак, оние институции, вклучително и меѓународните, што учествувале во спроведувањето на реформите во обвинителскиот систем. Сметам дека на тој систем му се потребни уште реформи, уште унапредувања – рече вчера Ковачевски.
Премиерот додаде дека правосудниот систем во државата има кредибилитет од осум проценти и дека луѓето во него имаат огромна работа за да покажат дека граѓаните и институциите може да му веруваат.
Американската амбасадорката Агелер рече дека изборот на Абази го сметаат за збунувачки, особено откако во изминатите години САД потрошиле милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Агелер потенцираше дека граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор, во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет, низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција.
– Во овие постапки нема место за политичко мешање. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на „мала врата“, треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните – изјави Агелер.
Изборот на Абази за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на 7 ноември предизвика бура од незадоволство, особено што беше единствениот кандидат што не понуди програма за работа и ниту еднаш не се појави на дебата, а згора на сè, по изборот излажа дека не се дружи со функционери од ДУИ.
Премиерот Ковачевски по изборот му го честиташе мандатот, а за изборот рече дека е направен врз основа на Законот за ЈО, кој предвидува гласање на непосредни избори од страна на сите обвинители. Тој додаде и дека ако има потреба и се понудат подобри законски решенија, тој ќе ги поддржи.
Јолевски: Советот нема влијание
Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски вчера изјави дека Советот делувал во рамките на законските можности при изборот на Абази и го спровел она што е пропишано. Тоа е системско решение, вели Јолевски, кое било донесено без да се имаат предвид сите забелешки и предлози што своевремено ги дал Советот.
Прашан дали во Советот чувствуваат некаква одговорност за изборот на Ислам Абази, особено по острите тонови од меѓународната заедница, Јолевски рече дека не може да коментира изјави на странски дипломати, но посочи дека тие треба да бидат упатени кон политиката, а не кон судството.
– Тоа прашање треба да се упати кон некој друг, кој ги носи или ги предлага законите. Ние ги спроведуваме. Мислам дека во рамките на она што ни е дадено како можност, спроведуваме онака како што е пропишано. Надвор од тоа не сме излегле, ниту, пак, сме оставиле простор да не биде запознаена јавноста – изјави Јолевски.
Тој објасни дека Советот на јавни обвинители може да даде мислење при изборот на државен јавен обвинител, но не може при изборот на обвинител во основно обвинителство. Јолевски нагласи дека при носењето на системските законски решенија во Министерството за правда не ги зеле предвид забелешките на Советот, ниту од работната група формирана за изготвување на тие предлог-закони.
– Дојде сосема друг текст, кој и нам ни е збунувачки, кој не е во ред и треба да се доработи, меѓутоа тоа е системско решение – изјави Јолевски.
Одложен изборот во Вишото скопско обвинителство
Обвинителите ниту вчера не успеаја да изберат шеф на Вишото скопско обвинителство, а овој пат причината беше што на седницата на Советот на јавни обвинители немаше кворум за работа затоа што републичкиот обвинител Љубомир Јовески од петокот бил задржан на болничко лекување. Повторно се одложи изборот и за шеф на вишите обвинителство во Гостивар и на основните обвинителства во Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци и Куманово. За да не останат без шефови на овие обвинителства актуелните привремено им се назначија в.д. шефови, освен во Гостивар каде што шеф беше Ислам Абази, па сега за в.д. е назначена Влојца Имази.
Поранешната шефица на ЈО ГОКК Вилма Рускоска, на која ѝ истече мандатот, а во меѓувреме беше и суспендирана, е префрлена на местото обвинител во ОЈО Скопје. На дневен ред на 70-тата седница на Советот на јавни обвинители, беше и одлука за објавување оглас за избор на четворица јавни обвинители во ОЈО ГОКК, но таа повторно беше одложена. Советот го предложи јавниот обвинител Бесир Алиу за член на управен одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, на местото на Ислам Абази, кој се повлекол.
Минатиот понеделник вишата обвинителка Фатиме Фетаи ненадејно ја повлече кандидатурата за шеф на Вишото скопско обвинителство и тоа само по имејл, без официјално објаснување, и покрај тоа што беше фаворит во трката, во која учествуваат и актуелниот шеф на обвинителството Мустафа Хајрулахи и вишиот обвинител Бурим Рустеми. По повлекувањето на Фетаи се појавија шпекулации дека е можно таа да застане на чело на ЈО за гонење организиран криминал и корупција по претпоставка дека тазе избраниот Абази „ненадејно“ ќе се повлече. Обвинителката Фетаи досега не дала изјава за повлечената кандидатура.