Се пролонгира потпишувањето на договорот за сместување на пациентите во поранешна „Мала Богородица“

Само уште 40 тина слободни места има во Ковид центрите во Скопје и 175 празни болнички кревети во ковид центрите во државата. Дополнителните капацитети што приватната болница Аџибадем Систина во соработка со Ремедика и Жан Митрев ги ставија на располагање на пациентите се уште не се во функција.

Зошто се пролонгира прашавме во Министерството за здравство, од каде што добивме одговор дека тие се само корисници на услуги одговорот зошто се уште не е потпишан договор треба да се бара во ЦУК.

-Поранешната болница „Мала Богородица“ или стара Систина, да стане ковид центар е предлог на приватните здравствени установи. Министерството за здравство само ќе ги користи ресурсите од приватните болници, согласно законската рамка по прогласување на кризна состојба, кога приватните болници се согласија во целост да ја опремат стара Систина со потребната медицинска и немедицинска опрема, како и лекарски тимови и медицински персонал кои ќе работат со ковид пациенти, велат од Министерството за здравство.

Центарот за управување со кризи чека упатство од Министерството за здравство за да потпише договор за соработка со приватните болници.

-Договорот помеѓу ЦУК и приватните болници, за прием на пациенти не е се уште потпишан бидејќи немаме добиено налог за потпишување од Министерството за здравство. ЦУК секојдневно добива информации дека во државата има доволно болнички капацитети за прием на нови болни од Ковид-19, и од таа причина немаме добиено налог за потпишување на договор, кратко ни одговорија од ЦУК.

Од Систина информираат дека се подготвени да ги примат првите пациенти, но го чекаат потпишувањето на договорот помеѓу приватните болници и Центарот за управување со кризи.

-Нас никој не не известил дека треба договор да потпишеме со ЦУК. Ние преговаравме со министерството за здравство, односно со министерот Венко Филипче. Никогаш не сме разговарале со претставник на Центарот за управување со кризи, велат од Систина.

-По постигнатиот устен договор од министерот за здравство, „Аџибадем Систина“ веднаш почна  да го опремува овој капацитет и да го адаптира објектот во ковид-центар, на сопствен трошок. Во овој момент капацитетите може да се стават во функција, но за да се реализира оваа благородна иницијатива  на Министерството за здравство, се очекува Министерството за здравство да издаде дозвола на трите приватни болници да можат да го користат објектот како ковид-центар. Исто така според договореното на средбите, Министерството за здравство ќе координира која од приватните болници како и со колку ќе учествува во трошокот на овој капацитет (кој е десеткратно поголем од ветениот надомест од ФЗОРСМ), велат од Систина.

Од таму додаваат дека се очекува издавање на дозволата за станица за довод на кислород, кој е неопходен за третман на ковид-пациентите.

-Го очекуваме договорениот предлог на Министерството за здравство кои се двајцата доктори кои медицински ќе управуваат со овој ковид-центар и финално се очекува Фондот за здравствено осигурување да го понуди Договорот за соработка, велат од Систина за Слободен печат.

По исполнување на овие договорени заемни обврски и по проценката на Министерството за здравство дека им се потребни дополнителни капацитети, „Аџибадем Систина“ е подготвена за неполни 24 часа да прими пациенти во објектот.

Капацитетот на објектот e 100 болнички легла. Дел од опремата и кадарот ќе бидат покриени од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и Клиниката „Жан Митрев“ согласно договорите со Фондот за здравствено осигурување. Во овој ковид-центар ќе работат пет доктори, 30 медицински сестри, осум болничари и друг медицински персонал, осум лица за обезбедување, шест лица администрација и 12 лица болнички персонал. Во зависност од тоа колку пари болниците примаат од договорите склучени со ФЗОМ, толку персонал ќе обезбедат.
Според тоа најмногу кадар би требало да обезбеди Клиниката „Жан Митрев“ , потоа „Аџибадем Систина“ и најмалку „Ремедика“.

Поради компликации од корона вирусот во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 38 нови пациенти. На инфективните оддели во главниот град се лекуваат вкупно 480 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19, информираат од Министерството за здравство.

Во последното деноноќие во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 11 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени 5 нови болни во текот на вчерашниот ден.  На интерните клиники имало вкупно 22 приеми и тоа три пациенти биле хоспитализиран на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, еден во ковид центарот на Клиниката за Неврологија, шестмина болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија,  двајца пациенти на Клиниката за нефрологија, седум во новиот центар на Клиниката за  уво, нос и грло и тројца болни на Клиниката за очни болести.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 16 оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 35 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 44 пациенти со симтоми на корона вирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, а на Клиниката за очни болести 14 пациенти. Во ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло има 19 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 106 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 153 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 35 пациенти, од кои 9 деца и 24 возрасен.
Вкупно 480 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.

И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40 тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна подршка, дополнуваат од Министерството.

На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 816 пациенти, слободни кревети има

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 816 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 75 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 58 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 49 пациенти, во Велес се лекуваат 60 болни, а во Куманово 112 пациенти позитивни и суспектни  на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 95 пациенти, во Прилеп  120, во ковид центарот во Гостивар 75, а во Струга 32 болни. Во болницата во Струмица лежат 56 пациент, во Кочани 13, во Кичево 20, Кавадарци 36, а во  Гевгелија 15 лица позитивни на корона вирусот.
Имајте во предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти, велат од Министерството.

Од таму потсетуваат дека треба да се има во предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1296 и има 175 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени, велат од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот