СДСМ и ДУИ „заедно“ и на локалните избори?

Во договорот за владина коалиција меѓу ДУИ и СДСМ, постигнат минатата година, содржан e и договор за коалицирање и соработка и за следните локални изборите, дознава „Слободен печат“ од доброинформирани партиски извори во ДУИ.

Договорот бил начелен без да се прецизираат деталите за тоа дали ќе се оди во коалиција од првиот круг или на вториот круг на локалните избори, откриваат изворите.

Во СДСМ официјално негираат дека постои таков договор, но велат дека се отворени за соработка со сите партии, склучително и со ДУИ.

Од ДУИ велат дека во сите општини ќе се натпреваруваат каде што Албанец кандидат за градоначалник може да победи, без да прецизира дали ќе бидат во коалиција со која било партија. И во ДУИ велат дека вратите за соработка се отворени.

Од друга страна, „Слободен печат“ дознава дека може да се постигне коалициски договор за локалните избори меѓу ДУИ и движењето Беса.

– Лидерот на движењето Беса, Билал Касами има добри односи со Али Ахмети, затоа е можна коалицијата на ДУИ со движењето Беса во првиот круг на локалните избори, а во вториот круг помеѓу ДУИ, СДСМ и движењето Беса – велат партиски извори во албанскиот политички блок.

По успешната соработка од 2017 година, коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ на есенските локални избори за нив е логична и потребна, смета политичкиот аналитичар, Фатон Алити. Тој додава дека посебно на СДСМ сега му треба ваква коалиција.

– ДУИ ја надмина кризата од 2015-2017 година, беше реформирана, но се етаблира повторно како прва политичка сила меѓу Албанците во Македонија. СДСМ, по налетот и ентузијазмот од 2015-2017 година, се соочува со стагнација, дури и со намалена поддршка, што е потврдено со резултатите од изборите во 2020 година. Во овие околности, и по успешната соработка од 2017 година, мислам дека нивната коалиција е логична и нивна потреба – вели Алити за „Слободен печат“.

Од друга страна, тој е скептичен за можната соработка на опозициските партии.

– Поради грубата национална реторика на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса, коалицијата меѓу нив би била поштетна отколку корисна – нагласува Алити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот