Сања Ристиќ за љубовта со Перо Антиќ: Ме прифати со сите квалитети и мани и ме нарече „мое совршенство“

Фото: Приватна архива

Љубовната врска помеѓу Сања Ристиќ и Перо Антиќ повеќе не е тајна. Дека уживаат во љубовта и дека се среќни заедно, во интервјуто за „Слободен печат“ ни откри Сања Ристиќ, специјалистка по маркетинг.

На прашањето зошто му посвети пирс на Перо, токму на увото, низ насмевка открива: „Секојдневно ми вели дека не го слушам, па во знак на тоа му посветив пирс токму на увото, да му покажам дека тој на моето уво заслужува почесно место колку е слушан“.

За љубовта со кошаркарот Антиќ, разделбата во бракот, мајчинството, за вредностите и убавината, низ разговорот во интервјуто за „Слободен печат“.

Не е тајна дека сте во љубов со кошаркарот Перо Антиќ. Најпрво ќе те прашам дали си среќна?

– Екстремно и среќна и исполнета, веќе осум месеци откако сме заедно.

Како почна вашата љубов и со што те освои Перо?

– Сосема спонтано, искрено никогаш во животот не сум ни помислила дека нашите два карактери би можеле да се синхронизираат заедно. И двајцата сме прилично темпераментни карактери. Ме освои со својот самоуверен пристап, а уште повеќе што од прв ден ме прифати токму онаква каква што сум, со сите мои квалитети и маани, и ме нарече „мое совршенство“. Нема поубаво од човек да е слободен во својата кожа и да е прифатен онаков како што го создала природата.

Фото: Приватна архива

Ти и Перо сте јавни личности, па колку сте оптоварени со љубопитноста на околината и како тоа влијае врз вашата врска?

– Од мошне мали нозе сум научена на карактерот на нашиот народ, и тоа во секоја смисла, така што не ме тангира нешто посебно. Љубопитноста е една од нашите главни одлики и не замерувам, некогаш дури и негативни коментари ми се симпатични и знам да се шегувам на своја сметка за нив.

И двајцата зад себе имате по еден брак. Факт е дека секој развод е тежок, но дали е некогаш тоа подобрата опција? Како успеа на децата сепак да им ја објасниш ситуацијата?

– Сметам дека пред да се одлучи една разделба, треба да се пробаат апсолутно сите можни решенија и опции еден брак да опстане, особено ако се вклучени и деца во него. Кога ќе се излитиме од решенија и неуспешни обиди, можеби некогаш е подобра солуција да се разделиме. Децата знаат дека имаат мама и тато што најмногу ги сакаат, дека тие не се за ништо одговорни или виновни и дека секогаш ќе имаа среќно семејство без разлика дали живееме одвоено.

Фото: Приватна архива

Дали си строга мајка и дали успеваш да доведеш во ред сè по дома?

Мошне сум строга бидејќи Иан (8) и Део (5) се на возраст кога се поставуваат и веќе се градат столбовите на нивните карактери. Од петни жили се борам да им доловам што е исправно, а што погрешно, да ги научам дека животот е полн со предизвици со кои треба да се справат, да ги научам на љубов и емпатија, но и тоа како кога треба да знаат да постават јасна граница. Успевам да доведам се во ред, таква сум по природа, организирана, брза, енергична и за сè наоѓам време, енергија и мотивација.

Влијателна личност и специјалистка по маркетинг. Како почна со работата на Инстаграм и очекуваше ли дека ќе имаш толкаво влијание?

– Инстаграм-профиот @sanjalala е сосема случајно влијателен, никогаш не ми била идејата да имам влијание преку социјалните мрежи ниту да се занимавам со тоа. Но, откако достигна одреден број следачи, некако несвесно почнав и повеќе да се занимавам со него, иако би го нарекла повеќе хоби отколку занимавање. Магистер сум по маркетинг, сопственик и менаџер сум на компанија во која сум фокусирана токму на маркетингот и продажбата и таму ми е главно деловниот фокус.

Фото: Приватна архива

Сепак, и денес остана Сања и „Ех, тој Тоше“. Колку време помина оттогаш? И денес нема кој што не ја пее оваа песна. Зошто не продолжи со пеењето?

– Песната постои точно 30 години и сè уште секое мое интервју, средба или објава не поминува без ова прашање. Се сеќавам на секоја секунда од тој период, бидејќи константната актуелност на темата не ми ни дозволува да заборавам. Искрено, голем залак беше таа слава, во тоа време, за едно 11-годишно дете, така што на моја иницијатива, сакав да се повлечам и да не се занимавам повеќе со пеење.

Љубовта кон вежбањето?

– Вежбањето ми е канал преку кој си ја празнам непотребната енергија, ми е огромна сатисфакција, нега на здравјето, телото и умот. Вежбам откако знам за себе и таа љубов никогаш не ми престанала.

Фото: Приватна архива

Како ја одржуваш убавината и што мислиш за естетските корекции?

– Јас го почитувам многу природниот изглед и кај себе и кај другите. Не користам никаква шминка, никакви филтри, никакви корекции. Но, апсолутно сметам дека доколку некој дел од нас естетски не ни се допаѓа, не треба да трпиме фрустрација, туку може и да се коригира. Морам и да искоментирам дека екстремната примена на естетските корекции во денешно време не ми се допаѓа воопшто, се случува дури и да не ги препознаам лицата по улица.

Колку време поминуваш во кујна, што најчесто готвиш? Знам дека си вегетаријанец.

– Во кујната сакам да поминам време само ако е нешто брзо и здраво. Не сум љубител на долги комплицирани рецепти. Вегетаријанец сум, сакам сè што е свежо, а слабост ми се тестенините.

Фото: Приватна архива

Што те прави среќна, што може да те извади од такт?

– Среќна сум кога знам дека сум опкружена со драги блиски луѓе, искрена љубов и лојалност. Од такт може да ме извади само неискреност и нечесност.

За крај, зошто му посвети пирс на Перо, токму на увото?

– Секојдневно ми вели дека не го слушам, па во знак на тоа му посветив пирс токму на увото, да му покажам дека тој на моето уво заслужува почесно место колку е слушан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот