Самолекувањето фатално за најголем дел од заболените со ковид-19

смрт ковид, починати од ковид
Фото: Слободен печат/Драган Митровски

Болниците се оптоварени, лекарите уморни, а во наредната недела се очекува повеќе пациенти со коронавирус да бидат примени во болничките капацитети отколку што ќе бидат отпуштени дома. Половина од пациентите што починале на Инфективната клиника, дошле таму предоцна, откако десетина дена се лекувале сами и дома, без да ги прегледа или да ги консултира лекар.

– Дури 50 отсто од пациентите што починаа, се донесени предоцна, по десетдневно самолекување. Ако дошле порано или ако се лекувале во консултација со матичниот лекар, исходот би бил поинаков. И возраста и хроничните болести го носат ризикот од смртен исход, но има и сериозен број пациенти на средна возраст, кои не пријавуваат претходни болести. Оваа болест има непозната патофизиологија и се бориме за секој живот, не знаејќи каков тек ќе заземе болеста – вели доктор Милена Стевановиќ, директорка на скопската Инфективна клиника.

На оваа клиника од 470 хоспитализирани пациенти, 90 починале. За жал, откако бил приклучен на респиратор, ниту еден пациент на оваа клиника не преживеал.

– За жал, не успеавме да извадиме ниту еден пациент од респиратор. И покрај тоа што кај повеќе пациенти, кај кои практично беше санирано дишењето и беа ставени на спонтан режим на дишење, се случија други компликации, поради кои пациентите завршија со смртен исход. Оттука сметавме дека подобар е нашиот успех во работењето каде што механичката вентилација ќе биде како последен обид во третманите. Денеска тоа е, всушност, и препорака од светските центри кои имаат голем број искуства и кои ги лекувале пациентите на механичка вентилација – рече доктор Стевановиќ.

Состојбата е најалармантна во Скопје, каде што според последните статистики на ИЈЗ има 1.285 активни случаи. Од нив најмногу се во Чаир 306 случаи. Потоа следуваат Аеродром, Гази Баба и Центар со 119, 114 и 114 случаи. Во Бутел има 106 заразени, во Карпош 100, во Сарај 95, Кисела Вода 71, Студеничани 62, Ѓорче Петров 57, Шуто Оризари 46, Арачиново 33, Илинден 28, Петровец 12, Чучер Сандево 7, Сопиште 11 лица и едно лице во Зелениково.

Веќе е пуштена во употреба монтажната болница при Инфективната клиника и таму почнале да се пополнуваат местата. Таму засега има тројца пациенти.

– Клиниките се оптоварени, а здравствените работници се изморени по четиримесечна борба. Целиот фокус е насочен кон клиничкиот дел и реорганизација на болниците. Во оваа фаза од епидемијата мора да се реорганизираме и можеме да го заштитиме здравствениот систем – вели министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот истакна дека и три приватни болници го дале на располагање својот медицински кадар и болнички капацитети за третирање пациенти со ковид-19.

„Дексаметазонот“, лекот за кој Универзитетот Оксфорд неделава објави дека ја намалува смртноста кај пациентите со ковид-19, кои се приклучени на респиратор или на кои им треба кислородна поддршка, нема да се ,,осигури“ на начин што ампулите би се продавале само на рецепт, како што тоа се направи со лекот „сумамед“. Причините за тоа е што лекот не е единечен, не е за домашна употреба туку за болничка употреба и оттука здравствените власти процениле дека не треба да се заштитува.

– Прво, луѓето не треба воопшто да се снабдуваат со резерви, не треба воопшто да го купуваат затоа што тоа не е лек за домашна употреба и не се дава само како еден единечен лек туку во комбинација. Има многу несакани ефекти. Има противвоспалително дејство, но во исто време го намалува имунитетот. Во САД е ставен на листата на лекови кај кои лекар треба да оцени дали користа од него е поголема од ризикот. Апсолутно луѓето не треба да го користат на своја рака или да го купуваат и да прават резерви. Станува збор за сериозен лек, кој може да даде несакани ефекти – рече Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот