Сaмо малку, колку форма да има

Поминувам покрај дуќанот на Лулу, и кога – изненадување! Ене ја наведната, потсредува, мести и разместува, премерува со метрото во раце за да измери растојание – на два метра, колку што треба да бидат оддалечени столовите во нејзиниот малечок фризерски салон, кој го најдов конечно, по повеќегодишно пребарување, со сите методи на истражувачко новинарство, кому да му ја доверам грижата за мојата коса. На почетокот не беше лесно. Прочуени по својата иновативност и квалитет, најдобрите англиски фризери/фризерки илити стилисти, како што се нарекуваат во последнава деценија, никако да успеат да го пренесат своето знаење по вертикала. Па во разните салони со видни имиња, не секогаш има врвни стилисти. Како и во новинарството, каде што, исто така, има такви што шетаат наоколу лажно претставувајќи се како новинари, така и тука. Еднаш во еден, пред тукашен Божиќ, излегов  како Дејвид Боуви од фазата на „Зиги стардаст“ и сериозно размислував да не излегувам барем две недели за да ми потпорасне она што остана од мојата коса, а шетав со капа на глава од која стрчеше еден портокалов прамен. Да не се разбереме погрешно, музиката на  Боуви – да, ама фризурчето на мојата глава… и две недели малку беше. Но потоа најдов добри и квалитетни како Мемет, кој во Лондон се преименува со уметничко име Алфонсо, па Божана, па Франсиско, ама Алфонсо се врати во Измир, Божана отвори бизнис во Трнава, Франсиско раскина со дечкото и се врати во Сесимбра и како светло на крајот на тунелот се појави кипарската Гркинка Лулу, со партнерот од Сплит, Хрватот Тино, кои стрижат, бојосуваат, фенираат и ги одржуваат косите на добар дел вимблдончани, вимблдончанки и мали вимблдончанчиња. Ах, тука е Ненси, единствениот претставник од домородното население, прво мажена за Албанец, сега за Иранец, која тука веќе подолго време го учи занаетот, ама единствено што научи е како да им ја измие косата на муштериите без да им го измие и лицето. Тоа ви е Лондон, и да сакав да го измислам, немаше да можам. Прекрасен, мултиетнички, откачен, а функционира. И – и да сакате да не го сакате, нема да можете.

Половина Пунџаб

По тримесечен застој, Лулу и другите мали и средни претпријатија  конечно добија зелено светло од владата на Борис Џонсон да го отворат бизнисот. Не веднаш, туку од 4 јули, за да имаат време да се подготват. Покрај фризерските салони, ќе отворат и рестораните и баровите, забавните паркови, автокамповите, кината, хотелите. Нема да отворат казината, ноќните клубови, оние за масажа и релаксација, кугланите, базените, вежбалните, конференциските центри, каде што се смета дека ризикот за зараза останува висок. Во насоките има доста нејаснотии и можности за слободна интерпретација – се вели дека е дозволено собирање на не повеќе од шестмина, ама и дека се и дозволени свадби со не повеќе од 30 гости! Што можеби е изводливо за Англичаните и за Шкотланѓаните, кои се мажат или женат за други Англичани или Холанѓани, ама ајде да видам некој од Индија да организира таква свадба? Нема шанса, половина Пунџаб ќе го озборува, другата половина нема да му зборува до крајот на животот, а угледот ќе му биде нарушен најмалку за следните три генерации…

И така, се подготвува нацијата по три и нештомесечен строг карантин и неизлегување, односно излегување само еден час дневно за вежбање, да почне да се враќа во релативна нормала. Првиот тренинг беше во изминатата недела, кога ги отворија продавниците и кога првите два дена навалија исцрпените Англичани, формирајќи редици, како што само тие знаат, во Икеа и Примарк, на пример,  како да нема утре, ама имаше утре и имаше трет ден кога веќе немаше ниту редици ниту турканици, ниту пак некаков којзнае каков промет. Сега со оваа најава за помалите бизниси, се подготвува вториот бран и се очекува луѓето да навалат и, како што ни рече премиерот Џонсон, да излеземе, да трошиме, зашто тоа е наша патриотска должност. Што ако има уште еден бран зараза, го праша новинарката на Би-би-си, ќе преземете ли одговорност? Да, рече БоЏо и отиде да потроши 900.000 фунти за Британија и го бојадиса авионот во боите на знамето – операцијата беше изведена рекордно брзо и вчера го видовме авионот „RAF Voyager“, навистина убав и елегантен и дотеран. Првата рута, велат, ќе му биде до Соединетите Држави, на средба со американскиот претседател Доналд Трамп, каде што двајцата лидери на двете земји со најголем број починати од коронавирус (комбинирано околу 170.000) треба да разговараат за соработка, трговија и за претстојниот Г7 самит во јули, за координирана меѓународен одговор на пандемијата со коронавирусот.

Топол бран и втор бран

Убавото и сончево време, невообичаено за овој период во годината – имавме 35 степени измерени на аеродромот Хитроу пред ден-два, во комбинација со влага, измами илјадници луѓе на блиските и на малку подалечните излетнички места, па на плажите во Борнмут, на пример, беше прогласена вонредна ситуација – луѓето паркираа кој каде ќе стигне, на плажите лежеа како сардини, а растојанието од два метра официјално намалено на „метар плус“ беше мислена именка. Заврши со стотици  изгорени, изморени, изнервирани и измалтретирани луѓе. Во лондонскиот еклектичен  Брикстон, каде што мислевме да купиме стан, ама неколку убиства и еден пожар во тоа време нѐ предомисли, убавото и сончево време и прекинот на изолацијата, мирниот уличен концерт го претвори во тешка улична тепачка со дивеење, која привлече банди од разни делови на Лондон. Заврши со 20 повредени полицајци, искршени и оштетени полициски возила и поголема материјална штета.

Многумина од бизнисите се подготвуваат почетокот, на 4 јули, националниот ден на Американците, да го прослават со огномети, зашто конечно ќе почнат да работат и  заработуваат, па има шанси да  биде уште пожешко. Некои од стручњаците  ги анализираат однесувањата на дел од луѓето кои се однесуваа нерационално, а други предупредуваат дека ова може да донесе до нови зарази и дека вториот бран допрва доаѓа поради недржење дистанца.

Подготовки за пат

Ако сака  БоЏо да го лета новиот авион за Америка, а сака, ќе треба да го укине 14-дневниот карантин за враќање во земјата, во спротивно од дома нема да може да мрдне две недели, зашто правилата важат и за него, не е тој недопирлив како Доминик Камингс, неговиот советник и сива еминенција. Едвај чекаме, јас и илјадниците на кои им се патува, ама не им се седи во карантин. И уште нешто.

Имаме неколку заеднички работи. Претходно, пред патување, рече дека одвај чека да отворат стилистите, да си ја потсреди косата. Исто и јас. Барем кога се однесува за средување на фризурата. Сакаме слично потстрижување – само малку, колку форма да има. И малку корените да се офарбаат. И некое праменче? Тој призна дека се бојосува, зашто му пречеле белите влакна. Еднаш и него го истрижаа премногу кусо, од еден нервозен бербер, пред да ја обелодени кандидатурата за премиер, па и тој изгледаше како да сака да остане дома. Ама не остана и се кандидира и стана премиер. А јас ја најдов Лулу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот