Родителите – сојузници на наставниците

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Квалитетната и константна, едноставна и професионална комуникација која влева доверба и мотивира на соработка и заеднички интерес ќе придонесе за успех во развојот на ученикот.

Во последно време образовната политика бара родителите да бидат партнери, да бидат вклучени во донесувањето одлуки во училиштата кои се однесуваат на воспитанието и образованието на децата. Континуирана соработка на релација  родител-наставник e многу значајна, бидејќи придонесува за правилен развој на личноста на ученикот. Почнувањето, градењето и одржувањето на соработката е предизвик за секој наставник, особено со почетокот на секоја нова генерација ученици и родители, каде што наставникот повеќе пати поминува низ истиот процес на градење и одржување на соработката со родителите, на начини на кои самиот умее, користејќи искуство, умешност, различни средства и облици на соработка.

Родителот  е „учител“ во животот на детето. Тој е личноста која го учи детето на првите навики и вредности, го воспитува, едуцира. Но, со текот на времето детето  се соочува со нова средина – градинката, училиштето, каде што продолжува воспитната, но и образовна компонента. Тука не завршува семејното воспитание, туку, напротив, треба да продолжи, да се надополнува  во воспитно-образовните институции. Училиштето е вториот дом.

Во училишната средина детето се наоѓа во една непозната средина за него и наставникот е тој кој го воведува, го социјализира, го насочува, прилагодува на новата средина, воспоставува правила и навики. Влијанието на наставникот е особено важно во развојот на личноста на ученикот, во развојот на неговиот интелект, на емоциите и социјалните вештини, а сето тоа влијае врз целокупниот живот на ученикот. Оттука произлегува и потребата за интензивна соработка и комуникација на наставник-родител. Затоа е потребна размена на информации, учество на родителите во различни активности, состаноци,  работилници, воннаставни активности, вклученост во органите на управување, учество во развојното планирање на училиштето.

Соработката на релација наставник-родител е од огромно значење поради многу причини. Ако наставникот има добра соработка со родителите во одделението, тоа му дава поттик и мотив на наставникот дека е на вистинскиот пат во градење на личноста на детето. Се обезбедува континуитет во заедничкото воспитување на детето. Неретко, наставникот е тој што укажува на некое однесување на детето кое родителот не го забележува или не сака да го забележи. Во овој случај наставникот треба да умее како да го пренесе тоа што сака да му каже на родителот.

Според мене, од моето досегашно искуство како најдобра се покажала „сендвич техниката“ каде што родителот е добро да слушне позитивни работи за неговото дете, а потоа да го кажете и она што планирате да го пренесете во однос на некое подобрување на ученикот, независно дали е тоа од воспитен или од образовен карактер и да завршите повторно со некоја позитивна мисла и коментар за ученикот. Без разлика на тоа колку комуникацијата може да биде сложена, секогаш на ум треба да го имаме личниот интегритет и достоинство, без преминување на границите на пристојност.

Најважната причина за којашто треба да постои соработка на релација наставник-родител е заедничката задача која ја имаат двете страни, а тоа е грижата, воспитувањето, образованието на детето, извлекувањето на најдоброто од секое дете. За да се оствари оваа соработка не секогаш е лесно, но наставниците треба да поседуваат вештини, емпатија, тактичност, трпеливост, упорност, истрајност, искуство за да ја постигнат оваа цел. Пред се треба да се изгради однос на доверба и меѓусебна почит. Квалитетната и константна, едноставна и професионална комуникација која влева доверба и мотивира на соработка и заеднички интерес ќе придонесе за успех во развојот на ученикот. Доколку ова се постигне може да се задоволат интересите на двете страни. Затоа родители, бидете сојузници, партнери со наставниците.

(Авторката е професорка по одделенска настава)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот