Ревизија: Само за камати и провизии се дадени 58 милиони евра, а патиштата и пругите никаде ги нема

Најкатастрофални податоци има за автопатот Кичево – Охрид. За овој автопат се позајмени 684,7 милиони долари, повлечени се 382,6 милиони долари, што донеле разни трошоци од дури 38,6 милиони долари!

Постои застој и бавна динамика на реализацијата на стратегиските инфраструктурни проекти, a трошоците за проектите се зголемени поради повисока цена на чинење на изградбата од првично планираната, како и поради споредни трошоци.

Ова е заклучокот од извештајот на Државниот завод за ревизија, кој анализираше како се одвиваат работите на  повеќе инфраструктурни проекти, со цел да се одговори на прашањето: „Дали јавните инвестиции што се финансираат со средства од заеми се реализираат на ефикасен и економичен начин?“

Ревизорите под лупа ставија 11 проекти, а резултатот на анализата е катастрофален: Земени се кредити, потрошени се 58 милиони евра само за камати, провизии и казни за неповлечени средства, а патиштата никаде ги нема.

Извор: Државен завод за ревизија

Најкатастрофални податоци, како што се очекува, има за автопатот Кичево – Охрид. За овој автопат има два заема: еден од 505 милиони долари и еден од 179,7 милиони долари, или вкупно – 684,7 милиони долари. Досега се повлечени 382,6 милиони долари, што донеле разни трошоци од дури 38,6 милиони долари!

Извор: Државен завод за ревизија

Програмата за национални патишта опфаќа повеќе патни правци во државата, а како што беше соопштено од Владата, таа се реализира за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во државата. Земениот заем за Програмата е 180 милиони евра, од кои се повлечени 90,7 милиони, а направените трошоци се 7 милиони евра.

Трет од 11-те проекти „по тежина“ е заемот од 145 милиони евра за изградба на нова и за реконструкција на стара делница од пругата Бељаковце до Крива Паланка, за што се позајмени 145 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, а се повлечени само 10 проценти од парите, односно 1,45 милиони евра и со тоа се направени огромни трошоци од 6,4 милиони евра. Во банкарството има провизии и за неповлечени средства.

Извор: Државен завод за ревизија

Државниот ревизор под лупа ја ставил и проектната документација за овие инфраструктурни проекти. Вкупниот износ на договорите за градба бил 209 милиони евра, но потоа тој износ е зголемен за уште 40,6 милиони евра поради признавање дополнителни и непредвидени работи.

Најголем дел од инфраструктурните проекти се реализираат преку ЈП за државни патишта. Но, ревизорот утврдил дека ова јавно претпријатие нема доволно пари за нивна реализација.

„Со анализа на приходите на ЈП за државни патишта утврдивме дека приходите се помали од вредноста на вкупните инвестиции на годишно ниво, освен за 2020 и 2021 година, што предизвикува неизвесност во реализацијата на инвестициите во патната инфраструктура“, пишува во извештајот на ДЗР.

Но, ревизорите констатираат дека слабост не се само парите туку и проектната документација.

„Мнозинството од проектите што ги реализира ЈП за државни патишта се започнати во период од 2014 до 2016 година.  Тие имаат бавна динамика на реализација, која се должи на слабости во техничките решенија како дел од проектната документација, раскинување договори со изведувачи од различни причини, започнуваше постапка за меѓународна арбитража, административни пречки за започнување на експропријацијата, комплексна правна рамка со повеќе вклучени институции за утврдување на надоместокот за експропријација што го блокира ефикасното решавање на експропријација“, велат ревизорите.

И проектите преку ЈП Железница – Инфраструктура се заглавени поради тоа што претпријатието нема пари.

Извор: Државен завод за ревизија

„Проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура се отпочнати во периодот 2012-2014 година и се во застој, не се довршени, а од 2018-2019 година степенот на реализација во просек е само 1 процент на месечно ниво и во 2019 и 2020 година договорите за Коридор 8 и Коридор 10 сe раскинати. Во период на вршење на ревизијата во тек беа евалуации за избор на нови изведувачи за коридорите 8 и 10“, информира Државниот завод за ревизија.

Поради бавната динамика на реализација на проектот, измените во проектната документација, откажување на кредиторот од договорот за заем и понатамошно финансирање на проектот, постои неизвесност за завршување на проектот за Изградбата на Регионалниот клинички центар Штип.

Извор: Државен завод за ревизија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот