Рекордни 1.472 хоспитализирани ковид-пациенти: Вакцините ги чекаме, вирусот нè начека

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Рекордни досега 1.427 хоспитализирани ковид-пациенти предизвикува силниот трет бран на коронавирусот. Додека расте бројката на починати во однос на претходната недела, со симптоми на болеста или сомнителни се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава, а според последните податоци на Министерството за здравство, слободни беа уште 270 кревети во целата земја.

Британскиот сој на вирусот ги принуди здравствените власти да отворат и ковид-одделенија кои не беа активни минатата есен. Притисокот врз болниците е голем, но не се враќаат итните случаи и пациентите со малигни заболувања, уверува Министерството за здравство.

Според последните најави на здравствените власти, во Македонија до крајот на март треба да пристигнат кинеските вакцини, а тие од „Астра-Зенека“ се очекуваат до средината на април. Со овие дози, според националниот план за имунизација, ќе бидат најнапред опфатени категориите граѓани во сериозен ризик да заболат со ковид и да развијат сериозни компликации, односно лицата повозрасни од 70 години. Потоа ќе се продолжи со вработените на есенцијалните општествени дејности, социјалните групи со зголемен ризик од зараза поради неможноста да одржуваат растојание, а на крајот здравите лица на возраст од 30 до 64 години.

Пунктови за вакцинација ќе има во Скопје – три (поликлиниките Букурешт, Јане Сандански и Чаир), потоа Берово, Битола. Валандово, Велес, Вевчани, Виница, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Куманово, Македонски Брод, Македонска Каменица, Неготино, Охрид, Пехчево, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Ростуше, Свети Николе, Струга, Струмица, Тетово и Штип.

Во земјава ќе бидат достапни вакцините на кинески „Синофарм“, вакцината „Фајзер-Бионтек“, „Астра-Зенека“ и „Спутник В“. За вакцината на „Астра-Зенека“ имаше контроверзии во Европа поради наводи дека предизвикува згрутчување на крвта, меѓутоа Европската агенција за лекови (ЕМА) утврди дека таа е безбедна и може да се користи. Во клиничките студии покажала ефикасност од 63 проценти за превенција. Во практиката се охрабрувачки резултатите, зашто само по првата примена доза кај вакцинираните за 85 проценти се намалува ризикот од хоспитализација.

Вакцинацијата во Македонија нема да е задолжителна, туку доброволна, но таа ќе биде важна алатка што ќе помогне да се запре пандемијата. На пример, во Израел се забележува 94 проценти намалување на бројот на нови случаи по масовната вакцинација на населението. Носењето маски и држењето растојание во комбинација со вакцината се надеж дека ќе се запре пандемијата. Достапните податоци посочуваат дека повеќето луѓе што закрепнуваат од вирусот, развиваат имунолошки одговор, кој одреден период обезбедува заштита од повторна инфекција. Се истражува колку е силна оваа заштита и колку трае.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот