Рекорден пад на лирата, Ердоган прави „чистка“ во Централната банка

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган/ Фото EPA-EFE/VLADIMIR SMIRNOV/

Турската лира падна на рекордно ниско ниво откако претседателот Реџеп Таип Ердоган спроведе нова „чистка“ на Централната банка.

Ердоган смени тројца членови на Комитетот за монетарна политика на Централната банка (МПЦ) и назначи двајца нови членови.

Заменик-гувернерите Семих Туменанд и Угур Намик Кучук се отстранети, заедно со уште еден член на МПЦ, Абдула Џавас, а Ердоган го назначи Таху Чакмак за заменик гувернер на централната банка и Јусуф Тун за член на МПЦ.

Кучук е единствениот член на монетарниот комитет кој се спротивстави на одлуката на Централната банка да ја намали каматната стапка. Одлуката ги шокираше меѓународните инвеститори минатиот месец, пишува Фајненшл тајмс.

По објавувањето за овие промени, лирата падна на рекордно ниско ниво од 9,1900 во однос на доларот, што е загуба од 1 отсто тој ден, и досега е ослабена за околу 19 отсто во текот на оваа година.

Промените на членовите во МПЦ дојдоа откако претседателството синоќа објави дека Ердоган се сретнал со гувернерот на Централната банка Сахап Кавчиоглу.

Минатиот месец, централната банка ја намали референтната каматна стапка на 18 проценти од претходните 19 проценти и покрај годишната инфлација од речиси 20 проценти, потег што аналитичарите го сметаат за последен доказ за политичкото мешање на Ердоган, кој се опишува како непријател на каматните стапки.

Ердоган во последните години направи повеќе промени во Централната банка, а Ројтерс пренесува дека во последните две и пол години отпуштил тројца гувернери поради политички несогласувања, што негативно влијаеше врз лирата и сериозно го наруши кредибилитетот и предвидливоста на турската монетарна политика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот