Реакција на Лекарската комора

Адвокатскиот тим на пациентката чии гради биле отстранети иако немала канцер како што претходно ѝ кажувале лекарите, не успева да го добие извештајот од извршениот стручен надзор од Лекарската комора. Причината според адвокатката Павлинка Гичева Петкова било тоа што во Комората вчера каде лично била да го подигне извештајот, ѝ кажале дека се потребни 30 илјади денари, пари за спроведениот надзор за да се плати комисијата.

-Дефинитивно така ми кажаа. Од каде инаку би ги знаела сумите?, вели таа за „Слободен печат“.

На оваа изјава реагираше Лекарската комора со објаснување за нивната процедура за добивање извештај од извршен надзор.

„Лекарската комора врши редовни и вонредни стручни надзори, при што трошоците за сите стручни надзори кои ЛК ги врши на барање на државни институции ги сноси Лекарската комора, додека во случаите кога барањето за вонреден стручен надзор го доставува физичко лице, трошоците за спроведување на стручниот надзор паѓаат на негов товар. Во однос на конкретниот случај, одговорот којшто го добила странката од Лекарската комора не кореспондира со наводите истакнати во текстот, од причини што надзорот за овој случај е веќе изготвен на барање на ОЈО, до каде е и доставен Извештајот за извршен стручен надзор. Бидејќи истрагата е се уште во тек, Комората не може да го достави извештајот до странката, поради што е соодветно упатена до ОЈО, каде што единствено може да побара да го добие Извештајот или да изврши увид во предметот“, соопшти Лекарската комора.

Потсетуваме дека Лекарската комора спроведе надзор за случајот со пациентката од Дебар Јалдз Веапоска, кој беше побаран од страна на Министерството за здравство како и во овој случај со отстранетите дојки на пациентката С.С, на Веапоска ѝ беше даден извештајот од стручниот надзор иако постапката беше во Обвинителството и беше во предистражна фаза.

Инаку, за случајот со пациентката С.С. барање за стручен надзор побарало Министерството за здравство, односно екс министерот Венко Филипче кој го проследил предметот до Лекарската комора на 5 март 2019 година според документацијата што ја поседуваме.

Министерството за здравство од Лекарската комора побарало извештајот да содржи констатирана состојба, недостатоци, неправилности, пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствена заштита, стручно мислење за состојбата во установат и настанатите или можните последици по здравјето на луѓето и предлог за определување мерки за отстранување на недостатоците неправилностите или пропустите и рокови за нивно спроведување. Оттогаш, жената за која се врши надзорот, односно пациентката С.С. од Тетово нема добиено одговор од Лекарската комора за предметот кој лично неа ја засега со различни образложенија. Истиот ден, на 5 март 2019 година и пациентката побарала надзор од Лекарската комора, што значи дека барања се пристигнати од три страни.

За компарација, кога Лекарската комора го заврши стручниот надзор за случајот Јалдз Веапоска, на пациентката извештајот ѝ беше доставен. Тогаш претседателката на Лекарската комора доктор Калина Гривчева Старделова рече, а и објавено е на сајтот на лекарската комора дека „извештајот за извршен стручен надзор се доставува до министерството за здравство, барателот на извештајот и до установата во која е извршен надзорот“.

Меѓутоа иако адвокатките на С.С. побарале стручен надзор, заедно со министерството за здравство, извештај немаат добиено, а Лекарската комора преку различни толкувања  избегнува нивниот извештај да дојде до засегнатата страна, во случајот жена која има трајни последици односно отстранети гради и лимфни жлезди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот