Разговор со вокалната солистка Светлана Јовановска: Музиката е мојот непресушен извор

Концертите на Филхармонија по повод Денот на вљубените секогаш имале поразличен амбиент од стандардната симфониска програма, а годинава во изведбата на неколку вонвременски теми за љубовта учествуваше и вокалната солистка Светлана Јовановска.

Едноставна и елегантна. Со раскошен глас и прекрасна појава на сцената. Така се претстави вокалната солистка Светлана Јовановска на концертот со оркестарот на Филхармонија по повод Денот на вљубените. Нејзиниот глас порано можеше да се слушне во рамките на клупската сцена, како вокалистка на групата „Саут парк“. Годините на зрелост, веројатно, почнале да го менуваат нејзиниот пристап кон музицирањето и да отвораат нови перспективи во јавните настапи. Тоа што е очигледно е дека Јовановска совршено се снаоѓа на секоја сцена на која ќе се појави.

Минатата сабота во Филхармонија се одржа одличен концерт по повод Денот на вљубените. Како се појави можноста да настапиш заедно со тенорот Благој Нацоски и со оркестарот на Филхармонија?

– Тоа беше мојот трет настап заедно со оркестарот на Македонската филхармонија. Првиот настап се случи пред две години по истиот повод – Денот на вљубените. Уште тогаш почувствував магичност до тогаш непозната за мене, многу лесно се вклопив во приказната и посакав да се повтори истото што поскоро. Концертот одлично помина, реакциите беа прекрасни. За среќа, соработката со нив не застана тука.

За Дијана Имери Илкоска можам да кажам дека е една од најпрекрасните личности со кои сум имала шанса да работам / Фотографија: Маја Аргакијева / Фотографија: Маја Аргакијева

Диригентка на концертот беше маестра Дијана Имери Илкоска. Со неа и претходно сте соработувале. Практично, кога и како почна Вашата соработка?

– Со Дијана соработувавме за концертот по повод празникот на Денот на ослободувањето на Скопје – 13 Ноември, минатата 2020 година. Репертоарот се состоеше од песни на Нина Спирова. За мене тоа, секако, беше голем предизвик. Верувам, достојно одговорив на таа задача, а за Дијана можам да кажам дека е една од најпрекрасните личности со кои сум имала шанса да работам. Толку енергија, страст, сигурност, знаење, љубов кон професијата… едноставно кликнавме. Кога дознав дека пак ќе настапиме заедно, си воскликнав од среќа и, ако можам да бирам, постојано би работела со неа.

Те познавам од времето кога заедно со групата „Саут парк“ беше активна на клупската сцена. Во последниве години почесто се појавуваш како вокал на различни проекти и манифестации. На што се должи тоа?

– Почувствував дека е време за тоа. Јас сум човек што сака нови предизвици. Созреав многу низ годините и сакав да искусам нешто ново, нешто различно од онаму каде сум комфорна.

Созреав многу низ годините и сакав да искусам нешто ново, нешто различно од онаму каде што сум комфорна / Фотографија: Маја Аргакијева

Како и кога воопшто се појавија твојот интерес и страст кон пеењето?

– Знам дека звучи малку клише, но откако знам за своето постоење, пеам. Мојата мајка, забележувајќи го мојот талент, ме прати на аудиција во хорот „Златно славејче“, но толку многу имав трема што не ме примија. Следно нешто што ми се случи во детството е губењето на слухот на едното уво, причина поради која докторот ѝ соопшти на мајка ми дека јас никогаш нема да можам да пеам. Среќа е што не му поверувавме. Затоа почнав да одам во хорот „Плетенка“ под водство на Томислав Таневски, кому сум бескрајно благодарна за тоа што препозна нешто во мене и ми даде мотивација за понатаму. Потоа следеа „Златно славејче“, „Развигорче“, Женскиот младински хор под водство на диригентот Запро Запров, од кого научив многу за тимската работа, дисциплината, љубовта кон музиката.

Огромно влијание во мојот развој имаа и моите родители и сестра ми, кои ја сакаа музиката и, за среќа, кај мене дома се слушаше и „Битлси“ и Тома Здравковиќ и ЕКВ и Енио Мориконе, од сѐ по нешто. Имав среќа и оние кои ме создадоа да препознаат и да бидат мојот лак, а јас понатаму своја стрела. Музиката е мојот непресушен извор, моја радост, моја тага, мое бегство, таа е секогаш тука, дури и кога јас се прашувам каде сум.

Знам дека звучи малку клише, но откако знам за своето постоење, пеам / Фотографија: Маја Аргакијева

Долго време Скопје имаше динамична, разновидна и активна клупска сцена. Колку пандемијата на ковид-19 успеа сето тоа го урне?

– Како што еден мој другар милува да каже: нема пострашно од тоа да му ја одземеш слободата на еден човек. Така се чувствувам во врска со ова прашање. Живееме во еден вид заробеништво. Токму тоа што ме ослободува и ми дава радост, ми е забрането. Но, тоа е што е. Чекаме да помине и се надеваме на подобро.

Во кој правец го гледаш својот понатамошен развој како вокална солистка?

– Многу интересни нешта се случуваат за мене во последно време. Работам на нешто ново. Настапите, секако, остануваат во план, но фокусот е свртен кон творештво.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 69, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот