Разговор со музичарката Дина Јашари: Се обидувам да ја задржам детската љубопитност и интуиција

Млада, креативна, пријатна и многу едноставна, Дина Јашари и нејзината музика се меѓу убавите нешта што се случија во 2021 година, а во разговорот со неа дознаваме дека оваа година ќе има уште многу нешта за споделување.

На музичката сцена Дина Јашари е присутна подолго време, но со својот личен печат почна да остава посилни траги во текот на 2021 година. Студира на отсекот соло пеење – популарни жанрови на Факултетот за музичка уметност во Скопје, нејзините спотови веќе се вртат во медиумите, а нејзините настапи во живо звучат магично.

Минатата 2021 година за тебе беше многу успешна на музички план, а доби и признание дека си една од оние „кои прават разлика“. Како таа разлика ја чувствуваш кај себе во однос на претходните години?

– Мојот темперамент/карактер бара да поминувам многу време со луѓе. Тоа ме исполнува и ми дава мотивација да сум продуктивна и да творам. Колку повеќе бев изолирана, сама со себе, толку ми беше потешко да се фокусирам. Во тие моменти музиката ми служеше како медиум низ кој ги филтрирав неубавите емоции и мисли, на некој начин ми дејствуваше терапевтски. Во 2021 година донекаде успеавме да најдеме ново „нормално“ живеење, што мене лично многу ме освежи. Се вратија настаните, дружбите, а со тоа и мојата волја да правам работи. Успеав да го снимам моето прво EП издание, плус два сингла, снимив спотови, имав први авторски концерти заедно со мојот бенд и многу други работи што дојдоа со тоа. Разликата што дојде однадвор влијаеше позитивно врз мене, многу ме радува што моите дела беа забележани и што мојата музика е ценета и прави разлика, а сето тоа е искрено и со голема посветеност.

Музиката отсекогаш била дел од мојот живот, само што на 18 години одлучив дека целосно сакам да ѝ се посветам / Фотографија: Александра Костадиновска

Како се случи музиката да биде дел од твојот живот, имаше некаков иницијален момент или сето тоа дојде спонтано?

– Музиката отсекогаш била дел од мојот живот, само што на 18 години одлучив дека целосно сакам да ѝ се посветам. Како мала свирев мандола во мандолинскиот оркестар во МКЦ, потоа сама почнав да учам гитара за да можам да се следам во пеењето. Отсекогаш ми било полесно да се изразувам писмено, па така дојдов до идеја поезијата што ја пишував да се обидам да ја комбинирам со музика и така ги створив моите први песни. Немаше клучен момент, или сијаличка што светнува во мојата глава, за да го правам тоа што го правам сега, туку повеќето работи што ги правев свесно и несвесно низ годините сами ми покажаа дека само за ова ме „бива“ и само ова би можела да го работам со толкава возбуда и љубов. Бидејќи немав учено нижо и средно музичко, се запишав на Факултетот за музичка уметност во Скопје, со цел да имам некаква теоретска подлога, бидејќи сѐ што правев дотогаш беше чисто интуитивно. Сега кога веќе студирам музика, се обидувам да ја задржам таа детска љубопитност и интуиција, бидејќи таму лежи креативноста, слободата и оригиналноста кога се работи за создавање музика. Факултетот, исто така, ми помогна да се најдам меѓу прекрасни луѓе, музичари со кои делам сцена и кои ѝ даваат нова димензија на мојата музика отсвирена во живо.

Кое е твоето најголемо музичко искуство досега?

– Дружење и свирење со музичари поискусни од мене ми помогна многу да пораснам и созреам во начинот на кој слушам и изведувам музика. Сѐ додека сум опкружена со луѓе што знаат многу повеќе од мене, тогаш сум на вистинското место. Планирам да продолжам на тој начин да функционирам. Годината 2021 беше полна со големи музички искуства, од снимање нови песни, до настапи во живо, до запознавање и соработување со наши познати и успешни музичари што многу ги почитувам. Ако треба да издвојам еден настан, тоа ќе биде концертот на „Синедејс“ во МКЦ, во јули 2021. Покрај преубавата енергија што ја имаше бендот и публиката, среде настап заврна, што го направи искуството да биде магично.

Дружење и свирење со музичари поискусни од мене ми помогна многу да пораснам и да созреам во начинот на кој слушам и изведувам музика / Фотографија: Александра Костадиновска

Кога се појави моментот сама да почнеш да ги пишуваш текстовите за песните?

– Тоа почнав да го правам уште на 13-годишна возраст. Секако, почнав да ги снимам и јавно да ги споделувам песните неколку години подоцна. Си дадов време да растам, да учам, да се пробувам и пронаоѓам во различни стилови. Соработував со различни артисти и продуценти, сѐ додека не го запознав Драги Иванов во 2019. Оттогаш тој е задолжен за снимањето, миксот и мастерингот на сите мои песни. „Зборови“, „Бои“ и „Дома“ ги аранжиравме заедно со Драги, а останатите аранжмани на песните се целосно мои. Среќна сум што живеам во време каде што музички инструменти, звучна карта и компјутер ми се доволни за да создадам комплетна песна дома, во мојата соба.

Колку песни направи досега и има ли можност во текот на 2022 година да се соберат доволно за авторски албум?

– Досега имам издадено 5 сингла и еднo EП издание. Сега сум повторно во процес на создавање, кога би вадела албум, тоа би било со комплетно нова музика. Досега сета музика што ја имам направено била во различни периоди, со различни идеи и расположенија. Би ја оставила да лебди и да трае таква каква што е, а јас знам дека допрва почнувам со издавање музика и имам уште многу за искусување и за споделување.

Со задоволство соработуваш и со други музичари од сцената. Што за тебе претставува музиката, воопшто?

– Како што кажав, не знам на друг начин да се изразам како што знам преку поезија и музика. Кога ништо околу мене не е сигурно, кога се случуваат промени и работи врз кои немам контрола, барем таму знам дека можам да сум своја и нема никаква осуда од страна. Мило ми е што мојата искреност и љубопитност е забележана, па така се случи и мојата последна соработка, со Дуке Бојаџиев, многу природно и без никакви притисоци.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 112, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16 јануари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот