Рашковски се брани: Не е во ред да бидам напаѓан затоа што сум имал идеи

Не сум патентирал никаков софтвер. Во Македонија не е можно да патентираш софтвер, туку само идеја, постапка – тврди  поранешниот владин генерален секретар Драги Рашковски, кој јавно беше посочен дека набавил софтвер за МВР што не се користи, а бил платен 81.000 евра од Буџетот.

– Категорично демантирам и отфрлам каква било поврзаност или корелација меѓу моите патентирани идеи со набавките што Генералниот секретаријат на Владата ги има реализирано во времето кога јас бев генерален секретар. За да биде уште појасна огромната разлика меѓу идеја и софтвер (производ), ја информирам јавноста дека уште во 2013 година имам патентирано идеја и за гласање со отпечаток од прст. И ја користам оваа можност однапред да отфрлам каква било поврзаност на мојата патентирана идеја со каков било евентуален софтвер, кој државата евентуално би го набавила по евентуален политички договор за употреба на таков софтвер за изборни процеси – вели Рашковски.

Тој додава дека имал патентирани идеи и за попис од 2013 година, како и за поврат на ДДВ од 2016 година.

– Не е во ред да бидам напаѓан затоа што сум имал идеи и сум ги патентирал, а денес се достапни како јавни добра и за нашата земја и за светот – тврди Рашковски.

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) најави дека ќе ја истражува набавката на софтверот за сообраќаен видеонадзор што го купил Генералниот секретаријат на Владата. Од Комисијата велат дека ќе побараат од Владата да им го даде на увид планот за таа набавка и образложение зошто е купен софтверот и зошто тој не е во функција.

Од крајниот корисник МВР засега официјално немаат став за оваа афера и за секој одговор посочуваат кон Владата која според нив е набавувач на софтверот. Премиерот Зоран Заев изјави дека побарал од службите да ги соберат сите документи од набавката на софтверот што ја спровел Генералниот секретаријат. Според Заев, има докази дека имало комуникација меѓу Генералниот секретаријат и МВР токму за можноста за имплементација и тестирање ваков систем. Премиерот рече дека не се сомнева во спроведената постапка за набавка.

На огласот од ноември 2019 година за изработка на софтвер за автоматско казнување во системот „Сејф сити“ се пријавиле три компании. Победила компанијата „Инвока“. Софтверот е платен во февруари 2020 година и речиси една година не е во употреба.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот