Раководителот Амир Имери давал насоки за што побрзо и во јавен интерес да се реши проблемот во ЦЈЗ Куманово

Раководителот на трудов инспекторат Куманово, Амир Имери, не вршел притисоци врз инспекторите, туку давал законски насоки за што побрзо, поефикасно и во јавен интерес да се заврши проблемот во Центарот за јавно здравје Куманово, тврдат за Слободен печат од Државниот инспекторат за труд. Неговата цел во конкретниот случај била, што побрзо да се вратат на работа микробиолозите согласно законот, а не да го заштити директорот на Центарот за јавно здравје Куманово од одговорност.

Реакцијата на Државниот инспекторат за труд доаѓа по вчерашниот напис на Слободен печат во кој известивме дека во државната лабораторија на Центарот за јавно здравје Куманово, резултатите од микробиолошките анализи во одреден временски период се издавале без печат на вработен микробиолог, што е спротивно на законот.

Претходно државниот санитарен и здравствен инспекторат издаде забрана за вршење лабораториска дејност на оваа лабораторија додека не обезбеди носител на дејност односно специјалист микробиолог кој ќе ги чита лабораториските анализи.

Министерот за здравство Фатмир Меџити вчера најави инспекциски надзори и санкции во оваа лабораторија но не ги прецизираше.

Пациенти од Куманово ни испратија свои резултати од микробиолошките анализи, од кои се гледа дека не се потпишани од специјалист микробиолог или пак се потпишани од пензионирани микробиолози. Што се случува со оваа лабораторија, одговор ќе даде санитарната инспекција која е главна надлежна за решавање на прашања од областа на здравствениот надзор, а трудовата инспекција била вклучена во случајот само маргинално, односно поради завршувањето на работниот однос по основ на пензионирање на едниот од докторите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот