Работата од дома носи големи здравствени придобивки за вработените

Фото: Pexels

Работата од дома им овозможува на луѓето да се хранат поздраво, да чувствуваат помалку стрес и да имаат понизок крвен притисок. Ова се резултатите од едно големо истражување, кое разгледа речиси 2.000 професионални трудови за работните места по пандемијата, пишува „Гардијан“.

Сепак, оние кои работат од дома имаат поголема веројатност да јадат нездрава храна, да пијат повеќе, да пушат повеќе и да се здебелат, според студијата на истражувачите од Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија и истражувачкиот универзитет „Кингс колеџ“ во Лондон.

Исто така, работодавците кои веруваат дека луѓето кои работат од дома се мрзливи грешат бидејќи таквите вработени поретко земаат боледување, имаат тенденција да работат подолго време, да работат навечер и за време на викенди.

Студијата, предводена од Шарлот Хол од УКХСА, ги анализираше резултатите и заклучоците од 1.930 академски трудови за работа од дома, на далечина и други видови хибридна работа, во обид да се дестилираат често контрадикторните тврдења на експертите.

Професорот Нил Гринберг, психијатар од „Кингс колеџ“ и еден од авторите на студијата, изјави дека работодавците и вработените мораат да размислуваат за работа од дома со истата сериозност како што размислуваат и за работата во просториите на компаниите.

„Луѓето одамна сфатија дека ако ги ставите сите вработени во иста просторија во компанијата, без звучна изолација, ќе им биде непријатно. Згора на тоа, нема да имате многу продуктивна работна сила. Сега, кога преминавме во културата на работа од дома, има смисла организациите и владата да се погрижат луѓето кои работат од дома да го прават тоа на најефикасен можен начин“, истакна Гринберг.

Истражувањето, објавено во „Списанието за професионално здравје“, идентификуваше три теми – работната средина во домот, влијанието врз животот и кариерата на вработените и влијанието врз нивното здравје.

Гринберг изјави дека истражувањето покажало дека има добри и лоши страни за работата од дома. Работното опкружување зависи од тоа колку простор има во домот, расположливата опрема и од тоа колку вработените имаат контрола врз својот ден.

Луѓето со повисоки примања повеќе уживале да работат дома, но оние кои имаат повеќе обврски дома, како е грижа за деца или домашни работи – честопати жените и оние што живеат сами – биле под стрес.

„Генерално, луѓето се чувствуваат попродуктивни дома. Овој начин на работа е особено добар за креативни работи, но многу потешко кога станува збор за подосадни и здодевни задачи. Многу луѓе се загрижени за развојот на кариерата – тоа чувство дека, ако не сте присутни во канцеларијата, ќе бидете занемарени, ќе ве прескокнат“, објасни Гринберг.

Здравствените ефекти биле појасни. Преминот на работа од дома за време на пандемијата на коронавирусот е директно поврзан „со зголемениот внес на зеленчук, овошје, млечни производи и оброци кои сами ги подготвувате; Помладите луѓе и жените од сите возрасни групи имаа најголема корист во однос на поздрава исхрана“, се заклучува во студијата.

Едно од испитувањата разгледани во текот на студијата покажа дека 46,9 отсто од вработените кои работеле од дома се здебелиле, а второто дошло до нешто помал процент – поголема тежина е забележана кај 41 отсто.

Повеќето од прегледаните трудови покажаа дека оние кои работеле од дома обично поминуваат повеќе време седејќи.

„Менаџерите мораа да најдат начини да ги поддржат своите вработени кои работат од дома и да им помогнат да ја создадат својата работна средина. Постои голема поговорка во науката дека во одреден момент мораме да престанеме да се восхитуваме на проблемот и всушност да размислуваме за решенија. Сега знаеме многу. Затоа, треба да се запрашаме: ‘Која е најдобрата обука што треба да ја помине поединецот ако работи хибридно, односно и од канцеларија и од други места?’“, прецизира професорот Гринберг.

Според него, работодавачите и шефовите никогаш не треба да се прашуваат дали е корисно да се обучуваат вработените да работат од дома, односно надвор од канцеларија, бидејќи одговорот е многу јасен и гласи: „да“.

Од укинувањето на ограничувањата за коронавирусот во 2022 година, некои компании инсистираа вработените да се вратат во канцеларија со полно работно време.

Проф. Гринберг истакнува дека стравот на компаниите дека вработените од дома ќе опуштат или нема да работат добро е застарен концепт.

Негирањето на опциите за работа надвор од компанијата ќе значи дека талентираните вработени ќе почнат да бараат други работни места, но исто така ги прави компаниите помалку флексибилни во случај на идни кризи, како што се здравствени ситуации, штрајкови или тешки временски услови кои ги спречуваат луѓето да дојдат до нивните работни места.

„Ако тоа го прават само од страв, тогаш ризикуваат да заостанат зад другите. Разгледавме огромен број докази и она што го покажува нашиот преглед е дека постојат начини да се направи работата од дома да функционира навистина добро за организацијата, а исто така и за вработените“, заклучи професорот Гринберг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот