Ковачевски: Нема откажување од европските вредности, Македонија мора да ја биде
Тој истакна дека во пресрет на Велигденските празници, убаво е да се потсетиме на вистинските човечки вредности. Она што нè прави вредни како луѓе се единството, солидарноста, праведноста и подадената рака. И додаде дека, само ако се водиме од овие принципи, ќе успееме да изградиме држава и општество во кое сите ќе имаат еднакви шанси и можности, привилегии, но и обврски. Какои дека овие принципи се длабоко вкоренети во социјал-демократската идеологија врз која е граден СДСМ. Овие принципи се дел од европските вредности кон кои ние посветено се стремиме и нема да се откажеме додека не станат реалност.
-Затоа и денеска во Радовиш, јасно и гласно ја повторувам пораката што ја споделувам низ цела Македонија – Нема откажување од европска иднина на нашите деца! Нема откажување од животен стандард, европски вредности, европски правила на игра! Македонија мора да ја биде, и јас Димитар Ковачевски и сите мои другари и другарки во партијата, оние кои се на кандидатските листи, но и оние кои не се, сакаме и се бориме за рамноправна Македонија во Европа – порача Ковачевски.
Тој додаде дека СДСМ покажува и докажува дека е најсилната партија во Македонија, партија која не се откажува кога е најтешко. Тој се осврна на направените пропусти во изминатите седум години и незадоволството на граѓаните од инфлацијата, борбата против корупцијата, самоволието на одредени политичари членови на коалиционите партнери.
-Казната за тоа стигна на гласањето на 24 април. Казна, што јас и моите другари од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, ја прифативме достоинствено и без негодување. Граѓаните имаат право да испратат силна порака и го направија тоа – порача Ковачевски.
Тој потенцира дека СДСМ секогаш била рамо до рамо со граѓаните и секогаш на браникот на татковината
-Слушнете ги само изјавите на Мицкоски и неговата кандидатка Силјановска и ќе ви стане јасно дека немаат никаква намера да ја водат државата кон Европската Унија. Напротив, ќе нè изолираат, ќе нè затворат, ќе нè скараат и со соседите и со меѓународната заедница, ќе нè вратат најмалку 10 години во минатото. Затоа, почитувани граѓанки и граѓани, размислете каква држава сакате да градиме за вашите деца и вашите внуци. Дали сакате тие да живеат во лоша реприза од тоталитарното владеење на Груевски и сите заедно ќе изградиме слободна, просперитетна и европска иднина. Изборот е во ваши раце – порача Ковачевски.
Според него, ако десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ добие преголема моќ, може да се соочиме со сценарио кое го гледавме 11 години.
-Тоа ќе стави крај на нашите ЕУ перспективи, крај на независните медиуми и на независното судство. Не дозволувајте Мицкоски да продава евтини демагогии за иднината. Сетете се како неговиот ментор од Будимпешта ја ограби и ја зароби државата. Сетете се на повеќе од пола милијарда евра народни пари потрошени за криминалниот проект Скопје 2014. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци од фамилијата – рече претседателот на СДСМ.
Тој посочи дека десничарска влада на чело со ВМРО може лесно да ги наруши меѓуетничките односи во државата. И се осврна на предизборната кампања, каде што Мицкоски и Силјановска наместо во натпревар на проекти и идеи ја претвориле во националистички скандирања и препукувања со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
-Испратете им јасна порака и на едните и на другите дека ниту еден граѓанин не сака да се вратиме повеќе од 20 години наназад и повторно да се распалат меѓуетничките тензии. Испратете им ја оваа порака на 8 мај затоа што само така ќе им покажеме дека Македонија има прогресивни и умни луѓе кои сакаат европска иднина, а не враќање во минатото на конфликти и војни – порача Ковачевски.
Затоа,потенцираше Ковачевски потребен е силен СДСМ во Собранието за да не се дозволи ВМРО повторно да владее неконтролирано и да се коцка со иднината, стабилноста и безбедноста на државата. Како и да гласаат за вистинските социјалдемократи.
-Јасно и гласно порачувам – никогаш и по ниту една цена нема да дозволиме некој да ја уназадува државата! Никогаш и по ниту една цена нема да дозволиме некој да си игра со иднината на нашите деца! Ве повикувам сите масовно, без калкулации излезете на изборите на 8 мај и гласајте за нашиот претседател Стево Пендаровски и за пратеничките листи на СДСМ и Коалицијата за европска иднина. На 8-ми мај одлуката за иднината на вашите деца и внуци е во ваши раце! Нема откажување од иднината! Да живее европска Македонија – порача Ковачевски пред граѓаните во Радовиш.