Путин го предизвика Западот на мегдан „до последниот Украинец“

Владимир Путин
Владимир Путин / Фото: EPA-EFE/MIKHAIL METZEL

Нека знаат сите дека не сме ни почнале. Во исто време, не отфрламе мировни преговори. Но, тие што ги одбиваат, нека знаат дека како што поминува времето, така ќе им биде сѐ потешко да преговараат со нас, предупреди Путин

Предупредувајќи дека воената кампања на Кремљ во Украина „едвај почнала“, претседателот Владимир Путин ги предизвика западните сојузници да си ги одмерат воените сили на бојното поле.

– Нека знаат сите дека не сме ни почнале. Во исто време, не отфрламе мировни преговори. Но, тие што ги одбиваат нека знаат дека како што поминува времето така ќе им биде сѐ потешко да преговараат со нас – изјави Путин, говорејќи пред лидерите на пратеничките групи во Државната дума.

Путин ги обвини западните сојузници на Украина дека ја разгоруваат војната.

– Денес слушаме дека сакале да нѐ победат на бојното поле. Па, што да кажам, нека се обидат. Слушнавме многупати дека Западот сака да се бори со нас до последниот Украинец. Тоа е трагедија за украинскиот народ, но се чини дека сѐ води кон тоа – предупреди рускиот претседател.

Тој ги осуди обидите на Западот „за наметнување на тоталитарен либерализам во целиот свет“ и го повтори тврдењето дека „војната во Украина е обид на Западот да ја изолира и ослаби Русија“.

– Ним не им треба земја како Русија. Затоа тие користат тероризам, сепаратизам и деструктивни сили во нашата земја – изјави Путин.

Претседателот оцени дека санкциите воведени против неговата земја создале тешкотии, но и дека не ја оствариле целта на „иницијаторите на економскиот блицкриг против Русија“.

– Текот на историјата е незапирливи и осудени на пропаст се обидите на колективниот Запад да наметнат сопствена верзија на глобалниот поредок – изјави Путин, во досега најжестокото обраќање до Западниот свет.

Украинскиот главен преговарач Михаило Подолјак ги отфрли тврдењата на Путин дека постои некаков план против Русија.

– Не постои план на некаков си „колективен запад“. Постои специфична „армија З“ што навлезе во суверена Украина, што гранатира градови и што убива цивили. Сѐ друго е примитивна пропаганда – изјави Подолјак.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот