„ПУКЛАВЕЦ“ ГИ ОТВОРИ ВРАТИТЕ ВО НЕГОТИНО: Словенечка фамилија ја свртела Европа и пронашла грозје во Македонија

Во сончевите предели на Неготино, во близина на селото Долни Дисан, винарницата „Пуклавец“ завчера вечерта ги отвори своите врати и ѝ дозволи на јавноста да ѕирне во новоотворената винска визба, но и да ја слушне нивната невообичаена приказна.

Семејството Пуклавец е од Словенија, а својата винска приказна ја почнало во 1934 година кога Мартин Пуклавац, дедо на сегашниот сопственик Владимир,  ја основал винаријата „Ормаж“. Винаријата во социјализмот била национализирана, а Владимир, кој не го прифаќал тогашниот режим, од газда и управител станал работник на лента за шишиња. Ова, пак, предизвикало револт кај неговиот син Владимир, кој заминал во Германија, станал инженер и работел во гасната индустрија. Компанијата во која тој работел ги продала своите акции и одеднаш, на 65-годишна возраст, Владимир Пуклавец станал богат. Во исто време, пак, во Словенија, била на продажба компанијата што ја основал неговиот татко. Таа компанија, но и нејзината конкурентна винарница, Владимир истовремено ги купил за 28 милиони евра. Потоа потрагата по грозје за црвено вино го донела во Македонија.

Фото: Слободен печат

– Нашата винарница, која веќе е присутна на меѓународните вински пазари со бели вина, имаше потреба од развој на производство на црвено вино. Во Словенија климата не е податлива за црвени вина и ние тргнавме во потрага низ цела Европа за да најдеме такво грозје што ќе ни одговара на веќе изградениот стил на вина. Такво грозје пронајдовме во Македонија – вели Татјана Пуклавец, ќерка на Владимир.

Инвестицијата во визбата во Неготино е 1,6 милиони евра, а почетниот капацитет е 300.000 литри вино годишно.

– Со инвестицијата во винарската визба во Неготино само ја прошируваме целта и визијата што ја имаме воопшто во Пуклавец, а тоа е производство на вина што можат да се натпреваруваат со најдобрите светски вина на меѓународните пазари. Македонското виногорје е познато по црвените раси, а македонските црвени вина се познати по богатството на вкусот, зрели и комплексни ароми – рече Владимир Пуклавец, сопственик на семејната винарница.

Вината што ќе се произведуваат во неготинската винарница ќе бидат нов бренд на „Пуклавец“ и ќе бидат класифицирани во три квалитативни сегменти, а на пазарот ќе се пласираат под името „Инстинкт“. Тие ќе бидат достапни за продажба до крајот на годината.

За доброто расположение на гостите на свеченото отворање на винарницата се погрижи хрватскиот пејач Петар Грашо, за чиј ресторан винарницата „Пуклавец“ произведува брендирано вино.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот