Пуканки и пуфки

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Таман се намести нацијата пред малите екрани на ТВ-приемниците, на ајпадите и на мобилните телефони и си зема пуканки во доволно количество да ја следи аферата со принцот Андрју, кога тоа ништо. За потсетување, принцот Андрју е вториот син на кралицата Елизабета Втора, оној што беше обвинет дека имал секс со малолетничка во Соединетите Држави. И оној кој, би рекле злобните британски таблоиди (а и оние незлобните), во животот ништо посебно не направил освен што шетал во униформа, патувал, уживал и јавал коњи. Ех, тежок живот принчевски…

И откако неколку години американските адвокати и власти се обидуваа да дојдат до него за да го испрашаат „имал ли, немал ли“ во вилата на сега веќе починатиот, а озлогласен педофил Харви Вајнстин, британските власти деновиве решија дека „нема основа за испрашување на принцот“, така што пуканките малку се оладија, ама ако, и такви беа изгрицкани.

Сирење и вино

Кралското семејство е секогаш непресушен извор на интересирање на нацијата. Така, Андрју (сега-засега) слезе од сцената, но во прв план изби престолонаследникот, принцот Чарлс. Тој зборуваше  за заштитата на човековата околина и е познат како приврзаник на „зелената агенда“. Не само затоа што одамна им зборува на растенијата –  науката потоа докажа дека има нешто во тоа, дека делува благородно врз цвеќињата и дека таквите шепкачи на билки не се „еден сендвич покуси од пикник“, туку интуитивни познавачи. Но, Чарлс отиде и понатаму. Уште пуканки, молам!

Тој рече дека сè уште го вози својот „астон мартин“, кој го доби на подарок од мајка му, кралицата, кога наполнил 21 година и дека возилото сега работи на „сирење и вино“. Ги натерал инженерите да му го преправаат возилото старо 51 година да вози на биогориво и сега тоа користи мешавина од остаток од бело вино и сурутка. И тоа не е сè. Принцот Чарлс, во интервју за Би-би-би, зборуваше и за сопствените напори за зачувување на планетата. „Не јадам месо и риба два дена во неделата и не јадам млечни производи еден ден во неделата. Ако повеќе го прават  тоа, ќе го намалите притисокот врз човековата околина“.

Ете, сега знаете што треба да направите за планетата. Постење! Понеделник безмлечен, среда без месо и риба, а така и секој петок… Ваквиот совет можеби ќе им звучи нетактично на илјадниците во Обединетото Кралство кои се на работ на сиромаштија, примаат  социјална помош и на бездомниците. За оние низ светот, пак, кои млечни производи не виделе со месеци, а месо и риба со години, советот ќе им биде тотално несоодветен, неодмерен, нетактичен и… што да јадат, колачи?  Ама што да се очекува од кралско дете, кому батлерот секое утро му ја стиска пастата за заби. Додуша, ја стиска до крај, убаво да се искористи, да не остане ниту делче неискористено. Кралско или не, се штеди.

Отворивме нова кесичка пуканки за следење на министерската кавга помеѓу канцеларот Риши Сунак и министерот за бизнис Квази Квартенг. Откако повеќе фабрики предупредија дека се на работ на пропаст поради растечката цена на енергијата, Квартенг за Би-би-си рече дека разговарал со канцеларот Сунак за потенцијални мерки за надминување на кризата. Но, од Министерството за финансии, многу итно и мошне невообичаено стигна деманти – не сме разговарале за такво нешто. И така дознавме дека Риши и Квази се скарани. За фабриките, која ќе преживее, ќе преживее…

Брегзит – последната граница

Ама пуканките ни залетнаа до закашлување од најновата епизода на „Брегзит – последната граница“. Еден од најпроблематичните аспекти на британскиот развод од Европската Унија, протоколот со Северна Ирска, станува уште попроблематичен. Министерот за брегзит, Дејвис Фрост, минатиот вторник изјави дека Британија е подготвена, ако треба, да го суспендира Протоколот за Северна Ирска – договор кој ја уредува пост-брегзит трговијата низ Ирското Море, договорена во 2019 година од ЈуКеј и ЕУ.

Чекајте, со право би кажале оние со полна уста пуканки, возбудени и расфрлајќи ги наоколу недојадени, па Фрост беше еден од главните архитекти на овој договор! Е, да, беше, ама излезе дека она што го договори беше набрзина, колку да се каже, да биде дека на Џонсон му успеало тоа што Меј не можеше и дека договореното едноставно е нефункционално. Фрост на Европејците во Брисел им кажа дека „договорот бил направен набрзина, во време на голема неизвесност“. Истиот оној што БоЏо го славеше како одличен.

Изгледа дека еврокомесарот за брегзит, Марош Шефчовиќ, е подготвен да им понуди маслиново гранче и да ги потсмири Британците, но Французите и Ирците не се воопшто среќни. Ниту Шин Фејн. Ниту унионистите и ДУП. Серијата „Брегзит – последната граница“, продолжува.

И додека главните двајца министри се караат, некои фабрики се пред колапс, редиците за бензин продолжуваат, принцот престолонаследник дава совети за заштита на човековата околина пред самитот во Шкотска и штеди со сирење и вино, а брегзитот нервира многумина (па дури некои ториевци), премиерот Борис Џонсон реши да отиде на одмор. Некаде во Шпанија, на Коста дел Сол. Треба, изгледа, да прибере сила да се соочи со наодите од извештајот за пандемијата со ковид-19 и колку починати ќе беа избегнати ако на почетокот ја сфатеше сериозно, а не како „обична настинка со стотина жртви“.

За ова, кога ќе се врати, нема да поминеме со пуканки. Ќе ни требна нешто многу, многу појако.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот