Пругата кон Бугарија ќе биде готова до крајот на 2027 година, за најтешката делница обезбедени повеќе од половина од парите

илустрација / фото: Слободен печат

За третата делница од пругата кон Бугарија, која е од Крива Паланка до граница, добивме 155 милиони евра од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, што е надополнување на претходните 61 милион грант од програмата ИПА 2, или вкупно 216 милиони евра за проект со проценета вредност од 405 милиони евра, што значи дека добивме грантови над 50 проценти, вели

Со децении се зборуваше за пругата кон Бугарија, но директорот на ЈП „Железници на С. Македонија – Инфраструктура“ Хари Локвенец е убеден дека возот ќе тргне на крајот од 2027 година, а за тоа како што вели во интервјуто за „Утрински печат“ има цврсти аргументи. Според Локвенец, нашиот дел од пругата кон Грција е завршен, а и грчката страна има голема волја за да го овозможи железничкото поврзување меѓу Битола и Солун, само што по железничката несреќа во Грција ова прашање за момент е тргнато од фокус. Во приоритетите на македонската влада е и поврзување со албанската пруга за што има проект.

– Во моментот активни се проекти за 152 километри нови пруги – дел од нив се во подготовка, а дел се во суштинска реализација. На постојни 700 километри ќе се градат дополнителни 20 проценти пруга. Имено, по завршените 18 километри на пругата од Битола до Кременица спрема Грција, во овој момент зборуваме за 89 километри на Источното крило на Коридор 8 кон Република Бугарија од Куманово преку Бељаковце до Крива Паланка и потоа до самата граница и за 63 километри од Кичево преку Струга до Република Албанија – вели Локвенец.

Тој вели дека за новите пруги имаме голема помош од Европската Унија и дека таа како процент во однос на вкупниот износ на проектите е дури и поголема од помошта дадена на Србија за новата пруга.

– Кога зборувам за европска помош, ние сме единствена држава што од претпристапни фондови имаме добиено 50 отсто од парите за финансирање проекти. Република Србија за градба на нова пруга доби 600 милиони евра помош од Европската Унија и како апсолутна бројка, тоа е огромна сума. Но, нашите соседи ја добија таа поддршка за проект вреден 2,2 милијарди евра, или тоа се околу 27 отсто грант средства. Ние за третата делница од пругата кон Бугарија, која е од Крива Паланка до граница, добивме 155 милиони евра од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, што е надополнување на претходните 61 милион грант од програмата ИПА 2, или вкупно 216 милиони евра за проект со проценета вредност од 405 милиони евра, што значи дека добивме грантови над 50 проценти – објасни директорот.

За преостанатите пари потребни за финансирање на пругата кон Бугарија, интерес има од Европска инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој, заеднички преку кредитирање да се поддржи овој проект.

На првите две делници од пругата кон Бугарија работат конзорциумот „Штрабак“ и компанијата „Ѓулермак“ од Турција и тие, според извештаите од надзорот, имаат завиден прогрес и се очекува да ги испочитуваат роковите.

– За третата фаза која е најтешка за реализација и која во 24 километри има 24 тунели и 51 мост се планира изведбата од 4 години. Реално е во мај да се објави тендерската постапка и до крајот на годината да се избере изведувач. Сите овие аргументи ми влеваат оптимизам да кажам дека на крајот од 2027 година, конечно ќе се заврши пругата кон Бугарија. И нашите бугарски колеги проектираат до крајот на 2027 година да го завршат нивниот дел и така да имаме функционална пруга кон Бугарија – вели Локвенец.

Пругата кон Албанија – државен приоритет

Локвенец вели дека проектот Западно крило е државен приоритет за да се поврзат македонските со албанските железници, пред се поради огромниот потенцијал на пристаништето во Драч, што значи поврзување и со пристаништата и во Италија.

– Најквалитетна, најевтина и најзелена логистика во транспортот на стока е железницата. Мораме да го фатиме овој момент и од економски и од финансиски причини. Но, многу е важно и преку железницата да ја вратиме геостратегиската важност на нашиот главен град Скопје како крстосница на исклучително важните Коридор 8 и Коридор 10. Проектот е готов, но не сакаме да го повториме недостатоците. Трошењето време и енергија во подготвителен период се покажа исклучително важно за реализација на проектот – изјави Локвенец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот